Мавровското Езеро доби ново порибување со 460 килограми крап во пресрет на Светското првенство во спортски риболов, кое годинава ќе се одржи на оваа локација. Акцијата ја реализираа Јавната установа Национален парк „Маврово“ и компанијата EDS Energy Delivery Solutions, со цел да се зајакне рибниот фонд и да се создадат подобри услови за одржување на натпреварувањето.

Од Националниот парк „Маврово“ информираа дека порибувањето е спроведено вчера и претставува значаен придонес за зачувување и унапредување на рибниот фонд, како и за одржливо управување со природните ресурси во паркот.

Оттаму посочуваат дека акцијата е реализирана во пресрет на Светското првенство во спортски риболов на крап, а нејзината цел е да се збогати рибниот фонд и да се обезбедат подобри услови за развој на спортскиот риболов.

Од управата на Националниот парк потсетуваат дека крапот останува под временска забрана за спортски риболов до завршувањето на Светското првенство.

„Апелираме до сите посетители да ги почитуваат донесените мерки, додека Службата за заштита на природата која работи во склоп на паркот спроведува засилени контроли на терен“, се наведува во информацијата.

Од Национален парк „Маврово“ упатија благодарност до EDS Energy Delivery Solutions за општествено одговорниот пристап и поддршката во зачувувањето на природното богатство на Мавровското Езеро.

Во текот на пролетта, преку две одделни акции, Мавровското Езеро беше порибено со повеќе од четири тони крап.

Светското првенство во лов на крап на Мавровското Езеро, кое ќе се одржи од 2 до 5 септември 2026 година, според најавите ќе биде еден од најголемите спортско-риболовни настани досега организирани во Македонија.