Меџити Охридскиот договор го гледа како визија за соживот и инклузивност

Вицепремиерот и министер за животна средина Изет Меџити, на свечената седница по повод 24 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, истакна дека вистинска демократија нема без доверба, а функционална држава нема без еднаквост. Тој порача дека разновидноста треба да се гледа како богатство и можност, а не како пречка или поделба. Според него, секоја политичка одлука и реформа на Владата мора да биде во согласност со духот и принципите на Охридскиот договор, кој го дефинира како „жив процес“ што треба да се претвора во правични закони и инклузивни политики.

ВЛАДИНА СЕДНИЦА: Одбележување на годишнината од Охридскиот рамковен договор

Од мировен документ до нов општествен договор

Меџити нагласи дека Охридскиот рамковен договор не е само спомен на завршетокот на конфликтот во 2001 година, туку политичка и институционална визија за изградба на држава на сите граѓани. Тој посочи дека договорот е темел врз кој се разви нов пристап кон државното уредување – пристап заснован на еднаквост, инклузивност и владеење на правото.

(ВО ЖИВО) Свечена седница по повод 24 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор

Јазичната политика и новиот закон за правична застапеност

Меџити истакна дека Владата е посветена на правна и институционална рамка која гарантира реална, а не само формална еднаквост. Тој го спомена Законот за употреба на јазиците, кој е оспорен пред Уставниот суд. Нагласи дека употребата на албанскиот јазик во јавните институции не е укината, туку напротив – се зајакнува. Дополнително, најави нов закон за правична застапеност, кој, како што рече, наскоро ќе биде усвоен во Собранието.