Националниот џез оркестар продолжува со своите меѓународни активности, реализирајќи два значајни настапи во Чешка и Босна и Херцеговина. Преку овие претставувања македонската џез-сцена се позиционира пред европската публика.
На 2 ноември, комбо ансамблот на Националниот џез оркестар ќе настапи во престижниот концертен простор „PETROF Gallery“ во градот Храдец Кралове во Чешка.
Ансамблот пред публиката ќе се претстави со специјална програма составена од авторски композиции. Овој репертоар ја отсликува креативноста, разновидноста и современиот уметнички израз на македонските џез-музичари.
Составот на комбо ансамблот го сочинуваат Трајче Велков на труба, Кирил Кузманов на алт-саксофон, Иван Иванов на тенор-саксофон, Гордан Спасовски на пијано, Кирил Туфекчиевски на контрабас и Виктор Филиповски на тапани.
Веќе на 4 ноември, Националниот џез оркестар официјално ќе го отвори 30. јубилејно издание на еден од најзначајните музички настани во регионот, познатиот Jazz Fest Sarajevo. Настапот ќе се одржи во Народниот театар во Сараево, директно на главната фестивалска сцена, со програмата насловена „Macedonian Dreams“, под диригентската палка на маестро Владимир Николов.
Проектот „Macedonian Dreams“ претставува уникатен музички спој на традиционалната македонска музика, народните фолклорни мелодии и ритми, испреплетени со авторски композиции и модерен џез-израз. Преку комплексни и современи аранжмани, богатото македонско музичко наследство добива нова оркестарска димензија и гради автентично доживување за публиката.
Оваа музичка програма претходно веќе беше успешно изведена пред љубителите на џезот во Будимпешта, Прага, Виена и Брисел.
Појавувањето на Националниот џез оркестар на отворањето на престижниот фестивал во Сараево претставува уште едно значајно меѓународно признание за неговиот квалитет, уметнички континуитет и визија.
