Германскиот канцелар истакнува дека Путин се обидува да ги тестира границите и да дестабилизира Европа

Германскиот канцелар Фридрих Мерц денеска предупреди дека Европа не смее да дозволи Русија да поставува услови за мировен договор со Украина. Тој истакна дека ваквото дејствување би ги охрабрило рускиот претседател Владимир Путин „во барањето на следни мети“.

– Путин веќе долго време ги тестира границите. Тој саботира, шпионира, убива и се обидува да ги вознемирува луѓето, посочи Мерц во германскиот Парламент.

Германскиот канцелар додаде дека Путин има намера да го дестабилизира и германското општество.

– Нема да дозволиме да се случи тоа. Мораме да ги одвратиме нашите противници од понатамошна агресија и во исто време да ги поврземе сојузниците и партнерите, наведе Мерц.

Германија е една од земјите кои најсилно ја поддржуваат Украина по руската инвазија во 2022 година. Германскиот министер за одбрана, Борис Писториус, минатата недела изјави дека Германија на Украина доставила повеќе воена помош од САД.