Министерот за финансии на Грција Христос Стајкурас рече дека Владата воведува конкретни мерки за „справување со привремената, како што се оценува, енергетска криза“.
Најави дополнителен попуст на електричната енергија и дополнително зголемување на надоместокот за греење што се однесува на конкретни категории.
Поконкретно, станува збор за зајакнување на веќе најавената мерка за покривање од страна на државата на зголемената цена на струјата, односно субвенцијата ќе биде двојно поголема, со резултат граѓаните да не ја почувствуваат зголемената цена или тоа зголемување да биде минимално.
Според Стајкурас, оваа мерка, што ќе важи до крајот на годинава е околу 326 милиони евра, додека пак за зголемениот додатокот за греење државата ќе одвои 168 милиони евра.
Втората мерка, надоместокот за греење (со нафта, природен гас, дрво итн) се однесува на конкретни домаќинства, согласно поставените критериуми поврзани со нивните приходи, а оваа година ќе има проширување на условите и според Стајкурас, се очекува да бидат вклучени над еден милион домаќинства.