Ограничувањето на маржите донесе позитивни ефекти
Позитивни ефекти дадоа мерките за ограничување на бруто профитните маржи на 5%, 10% и 15% кои истекуваат на 30 април. Ова го покажуваат податоците од Државниот завод за статистика. Заменик министерот за економија и труд, Марјан Ристески, изјави дека Владата е задоволна од ефектите. Тој посочи дека во март е забележана дефлација од 1,3% во однос на февруари, а цените на храна и пијалаци паднале за околу 3%.
Ристески: Нема одложување на објавувањето на цените, засилени контроли по Велигден
Преку 600 контроли – над 3 милиони денари собрани преку казни
Државниот пазарен инспекторат до сега спровел над 600 инспекциски контроли. Затворени се осум објекти, најчесто увозници на овошје и зеленчук кои се обиделе да ја заобиколат мерката. Наплатени се преку 3 милиони денари во казни, а казните се движат од 500 до 10.000 евра. Одредени објекти може да бидат затворени до 15 дена, доколку се утврдат нерегуларности.
Влада подготвена за нови мерки ако трговците не соработуваат
Ристески нагласи дека финалната проценка на ефектите ќе биде позната по завршувањето на мерката. Врз основа на официјалните податоци и однесувањето на трговците, Владата ќе одлучи дали ќе следуваат нови мерки. Тој истакна дека за Владата е приоритет зачувувањето на животниот стандард на граѓаните, и ако е потребно, подготвени се да воведат нови ограничувања во иднина.
Извор: Република