Поранешниот струшки градоначалник Рамиз Мерко од ДУИ им реагираше на своите сопартијци дека имаат двојни стандарди и не застанале во негова одбрана за кривичните пријави, како што сега партијата ги брани пратеникот Блерим Беџети и поранешниот градоначалник Фатмир Дехари.
Мерко преку објава на Фејсбук вели дека внимателно ги следел реакциите на ДУИ за кривичните пријави за Беџети и Дехари за кои партијата е загрижена поради политичкиот притисок, додека него не го зела под заштита.
„Зошто јас, Рамиз Мерко не бев заштитен, додека двајца градоначалници се заштитени? Зошто овој двоен стандард? Барањето за еднаква правда и политичко немешање во институциите е правилно и неопходно. Но, прашањето кое природно се поставува е: зошто овие принципи не важат за сите подеднакво?, прашува тој.
Во објавата ги потсетува сопартијците дека за неговиот ангажман за партијата, особено за изборните победи во Струга и во Петтата изборна единица.
„Со години сум меѓу најмоќните гласови, одржувајќи ја структурата жива и обезбедувајќи конкретни резултати. Во некои изборни циклуси, токму нашиот регион ја направи разликата во рамнотежата на мандатите. Но, во моментот кога се соочив со тужби, недостасуваше поддршка. Наместо тоа, отворено се дистанциравте. И еве го главниот проблем: двојниот стандард. Бидејќи денес се зборува за политички притисок врз некои поранешни функционери, во мојот случај немаше реакција, иако тужбите против мене се политички мотивирани од периодот на владеење на СДСМ и ДУИ. Обвиненијата против мене не беа за докажана корупција или финансиски криминал, туку за административни прашања и институционални одлуки како назначување директори или поставување симболи“, пишува меѓудругото Мерко.
Тој им забележува на сопартијците особено дека застанале во заштита на високи партиски функционери како Артан Груби.
„Контрастот станува уште појасен кога ќе видиме дека во други случаи, за фигури на високо ниво како поранешниот вицепремиер Артан Груби, реакциите се претпазливи и благи. Значи, од едната страна, се штитат сериозни обвиненија за корупција, а од друга страна, молк за процесите поврзани со административно донесување одлуки. Ова повеќе не е индивидуално прашање. Ова е прашање на принципи. Еднаква правда не може да се бара само во одредени случаи. Не може да има политичка поддршка само за едни, а за другите молк. Во овој дух, јас, Рамиз Мерко, изразувам силна солидарност и поддршка на поранешните функционери како Блерим Беџети, Фатмир Дехари и други пред секаков притисок или процес кој се смета за политички мотивиран. Пред сè стојам цврсто во поддршка и солидарност со сите оние кои денес се соочуваат со вакви притисоци, затоа што правдата не може да биде селективна“, напиша Мерко.
САД во 2023 година го стави Мерко и неговото семејство на црната листа поради неговата вклученост во значајна корупција.
