Компанијата отвора можност за влез во одбранбениот сектор

Германскиот автомобилски гигант „Мерцедес“ разгледува опција за вклучување во производство на оружје, потврди извршниот директор Ола Керлениус.

Тој истакна дека глобалната безбедносна ситуација се менува и дека Европа мора да го зајакне својот одбранбен капацитет. Според него, компанијата е подготвена да придонесе во тој процес доколку се создадат услови.

Керлениус додаде дека автомобилската индустрија веќе располага со технологии и прецизно инженерство кои можат да се применат и во одбранбената индустрија.

Тој нагласи дека основната дејност на „Мерцедес“ ќе остане автомобилското производство, додека потенцијалниот ангажман во оружје би бил споредна активност.

Слични најави и од други германски компании

Според неговите изјави, „Мерцедес“ веќе учествува во иницијативи поврзани со безбедноста и активностите на НАТО.

Паралелно, и „Фолксваген“ најави можен влез во воената индустрија, при што дел од производството би можело да се пренамени за одбранбени потреби.

Германските медиуми пренесуваат дека фабрика во Оснабрик би можела да премине под контрола на израелскиот концерн „Рафаел“, каде би се произведувале делови за системот „Железна купола“.

Извршниот директор на „Фолксваген“, Оливер Блуме, најави и развој на воени транспортери.

Притисок врз автомобилската индустрија

Германската автомобилска индустрија во последните години се соочува со пад на побарувачката и тешки пазарни услови.

Поради тоа, дел од производителите најавуваат намалување на работни места и затворање на производствени капацитети.