Европската Унија ја потврдува поддршката за членството на Македонија, но очекува конкретни резултати во клучните реформски области. Од земјата се бара напредок во владеењето на правото, независноста на судството, борбата против корупцијата, заштитата на основните права и добрососедските односи.
Ова е една од главните пораки од заедничките препораки усвоени на 25. состанок на Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ–Северна Македонија, кој се одржа на 24 и 25 септември во Скопје.
Комитетот потсетува дека Македонија е меѓу земјите кандидати со најдолг кандидатски статус, кој трае повеќе од две децении. Во препораките се повикува Советот на ЕУ да ги отвори преговорите за Кластер 1 веднаш штом ќе бидат исполнети потребните критериуми.
Во исто време, европратениците и македонските пратеници нагласуваат дека пристапниот процес треба да остане заснован на заслуги. Од ЕУ се очекува, откако земјата ќе ги исполни договорените критериуми и одредници, да следи соодветен, навремен и предвидлив напредок во пристапниот процес.
Комитетот го нотира и напредокот во спроведувањето на Реформската агенда во рамките на Инструментот за реформи и раст за Западен Балкан. Северна Македонија го добила најголемиот износ на финансиска помош во регионот, меѓу другото за мерки поврзани со образованието и дигиталната инфраструктура во училиштата. Сепак, идните исплати треба да останат условени со навремено и проверливо исполнување на реформските чекори.
Значаен дел од препораките се однесува на правосудството. Комитетот го поздравува напредокот во спроведувањето на Стратегијата за реформа на правосудството 2024–2028 година, како и новиот Закон за Судскиот совет. Според оценката во документот, законот носи поголема транспарентност при именувањето судии и во дисциплинските постапки.
Во борбата против корупцијата се нотираат стабилни резултати, вклучително и истраги против актуелни и поранешни високи функционери што резултирале со обвиненија и судски постапки. Воедно, Комитетот ја поздравува новата Национална стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси за периодот 2026–2030 година.
Медиумите се уште една од областите опфатени со препораките. ЕУ го поздравува проширувањето на законската рамка и врз онлајн медиумите, воспоставувањето правна основа за Регистарот на онлајн медиуми и подготовките за усогласување со Европскиот акт за слобода на медиумите. Од властите се бара целосно усогласување со европските правила и подобра заштита на новинарите, вклучително и од SLAPP-тужби.
Комитетот бара и зајакнување на заштитата на новинарите од онлајн вознемирување, родово засновано насилство, закани, заплашување и говор на омраза. Во истиот контекст се повикува на посилна сајбер-безбедност и поголема транспарентност на онлајн-кампањите, со цел изборните процеси да бидат заштитени од странско мешање и манипулација со информации.
Од Македонија се бара да ја унапреди и задоцнетата сеопфатна изборна реформа, како и да ги спроведе преостанатите препораки на ОБСЕ/ОДИХР и Венецијанската комисија. Притоа, процесот треба да биде транспарентен и инклузивен, со учество на сите релевантни чинители.
Во делот на меѓуетничките односи, Комитетот ја поздравува континуираната стабилност во земјата и повикува на доследно спроведување на Охридскиот рамковен договор. Се бара политичките и општествените чинители да ја зачуваат кохезијата, да го поттикнуваат дијалогот и да избегнуваат реторика што предизвикува поделби.
Во документот се укажува и на потребата од подобра заштита на малцинствата, како и продолжување на мерките против дискриминацијата и инцидентите мотивирани од омраза.
Кога станува збор за односите со соседите, ЕУ го нагласува значењето на Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија. Од сите страни се очекува нивно спроведување со добра волја, додека билатералните прашања треба да се решаваат преку конструктивен дијалог и да не се инструментализираат во пристапниот процес.
Како пример за регионалното поврзување се издвојува договорот меѓу Бугарија и Македонија за изградба на прекуграничен железнички тунел, со поддршка од европските финансиски институции и ЕУ, како дел од Коридорот VIII. Комитетот бара договорените проекти да се реализираат навреме и ефикасно. Воедно се поздравува и очекуваниот договор за железничко поврзување со Грција во рамките на Коридорот X.
На безбедносен план, Комитетот го поздравува усогласувањето на Македонија со надворешната, безбедносната и одбранбената политика на ЕУ, вклучително и со санкциите поврзани со руската агресија врз Украина. Се поздравува и улогата на земјата како членка на НАТО, како и европската поддршка за зајакнување на капацитетите и оперативната подготвеност на Армијата преку Европскиот мировен фонд.
ЕУ и Македонија треба дополнително да соработуваат и во справувањето со хибридните закани, дезинформациите, странското мешање и сајбер-ризиците. Препораките предвидуваат зајакнување на сајбер-безбедноста, стратешката комуникација, медиумската писменост и независната проверка на факти.
На крајот, Комитетот бара забрзување на реформите и во областа на животната средина. Од Македонија се очекуваат посилни мерки за подобрување на квалитетот на воздухот и водата, управувањето со отпадните води и контролата на загадувањето. Воедно се бараат поголеми инвестиции, посилен надзор и потранспарентно креирање на политиките.
