Претседателката на Европскиот парламент (ЕП), Роберта Мецола, и двајцата известувачи на ЕП, Зигфрид Мурешан и Карла Тавареш, го поздравија одобрувањето на позицијата на парламентот за долгорочниот буџет на Европската Унија (ЕУ) за периодот 2028 – 2034 година.
На прес-конференција во Стразбур, Мецола изјави дека Парламентот е подготвен и дека дефинирал јасни приоритети во буџетот. Таа додаде дека следниот чекор е да се побара одобрение од Советот на Европската Унија. Мецола исто така посочи дека новиот буџет ја одразува амбицијата неопходна за справување со новите предизвици со кои се соочува ЕУ и дека тој располага со доволна флексибилност за да реагира на нови кризи.
На прашањето дали целиот процес на одобрување може да биде забрзан, Мецола одговори дека ЕП ги исполнил своите обврски осум месеци пред крајниот рок и изрази уверување дека Советот и Комисијата ќе го одобрат буџетот навреме за да стапи во сила до крајот на годината. Таа исто така јасно стави до знаење дека ЕП никогаш нема да биде само „печат“ подложен на интересите на другите владини тела на ЕУ.
Мурешан изрази задоволство што позицијата е одобрена со апсолутно мнозинство на пленарната сесија на ЕП во Стразбур оваа недела. Притоа, привремениот извештај добил поддршка од уште 50 европратеници во споредба со претходното гласање за ова прашање – нешто во што тој вели дека гледа силна политичка порака.
– Не може да се направи повеќе со помалку пари – нагласи романскиот европратеник од десноцентрираната група на Европската народна партија. Предложениот буџет од страна на ЕП би овозможил одбраната и конкурентноста да станат новите приоритети на ЕУ, додека во исто време кохезионата и заедничката земјоделска политика остануваат традиционални приоритети, додаде тој.
Мурешан исто така рече дека долгорочниот буџет на Унијата мора да биде предвидлив инструмент за инвестиции. Исклучувањето на трошоците за сервисирање на долгот за фондот за закрепнување „NextGenerationEU“ од буџетскиот таван би и овозможило на ЕУ да потроши за 10 отсто повеќе средства, додаде тој.
Другата известувачка на Европскиот парламент на оваа тема, Карла Тавареш, изрази задоволство што по одобрувањето на извештајот, сега ЕП ќе може да ја брани својата позиција во преговарачкиот процес со Советот на ЕУ.
Португалската европратеничка од групата на Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите во Европскиот парламент го нагласи значењето на пополнувањето на буџетот со сопствени ресурси, за кои е планирано да обезбедуваат по околу 60 милијарди евра дополнително годишно. ЕП „испрати сигнал за политичка зрелост“, ставајќи го акцентот на сопствените ресурси, наместо да се потпира на дополнителни средства од земјите членки, коментираше таа.
