Циркузот во Собранието продолжува и денес, а главните актери од власта очигледно имаат големи проблеми.
Веќе два дена Собранието на Република Македонија е заложник на власта и мнозинството. Веќе два дена Собранието не може да започне со работа по 88-та пленарна седница, наоѓајќи разно-разни изговори зошто истата се’уште не е започната.
Втор ден власта и мнозинството си поигруваат со пратениците, со Собранието како институција, но најмногу со граѓаните бидејќи токму тие очекуваат парламентарното мнозинство да биде овде во Собранието на своите работни места, да работат и да носат законски решенија во корист на граѓаните.
Очигледно, за мнозинството не се важни ниту мерки, ниту закони, туку најважни се меѓупартиските и тесно-коалициските комбинации и пазарања.
Изминатиов период се изнаслушавме и обвинувања и изговори дека работата на Собранието е блокирана од страна на ВМРО-ДПМНЕ, но вистината е една и јасна како бел ден, а тоа е дека токму двоецот СДСМ-ДУИ и нивните пратеници се главните кочничари и причинители за неработата на Собранието.
Оттука, целата пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, ги повикува власта и нејзините пратеници да престанат да си поигруваат со трпението на граѓаните, да се вразумат и конечно да почнат да се однесуваат одговорно и да работат во интерес на граѓаните. Тоа е најмалку што можат да го направат во овие тешки мигови, како за граѓаните, така и за државата во целост.