Според него најголемиот глас на овие избори е гласот на тивкото мнозинство.
-Тоа се луѓето чиј глас не се слуша на медиумите, говорниците, на плоштадите. Тоа се луѓето кои живеат мирен живот, тоа е огромното мнозинство кое тихува, работи, и ја чува оваа земја. На нивниот ʹрбет се носат институциите, процесите, тие секој ден ја даваат нивната жртва за нашата земја и молчат, но имаат свој став, сакаат и живеат за своите семејства, копнеат за сигурност, ја сакаат Македонија и кога е добро, и кога е тешко, и во победи и во порази. Тие ја сакаат Македонија со своите срца. Гласот на тивкото мнозинство е гласот на разочарaниот работник, на револтираните млади, на тие кои имаат своја компанија и се борат за дневен опстанок на компанијата која им е сè и за која вложиле сè; на угостителите со кои експериментира оваа власт, на работниците по скелињата, на таксистите по улиците, на просветните и културни работници, на актерите кои сонуваат за големи улоги и полни театри. Тоа е гласот и на музичарите, уметниците, на убавите луѓе во нашите градови. Но и селата, земјоделците, тој работен и правичен народ кој гледа и слуша сè, рече Мицкоски.
И сиве овие луѓе на нашата Македонија, додаде Мицкоски, мора да знаат дека новата иднина зависи лично од нивниот глас.
-Гласот на тивкото мнозинство со кој победува надежта и заедничката среќа. На 17-ти октомври излезете и поддржете создавање на нова иднина. Време е за вашиот глас, за Македонија, порача Мицкоски.