Претседателката Гордана Силјановска Давкова му го врачи мандатот на лидерот на ВМРО–ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Мандатот е за состав на новата Влада која веројатно ќе ги содржи ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и коалицијата „Вреди“.
Најави за реорганизација и трансформација
Пред да се гласа за новата влада, ќе се прави реорганизација, ќе се формираат нови и трансформираат стари министерства. Мицкоски ги достави законските измени во Собрание.
(ВИДЕО) Силјановска Давкова му го врачи мандатот на Мицкоски за состав на нова влада
Гордана Силјановска Давкова во своето обраќање ги објасни своите рокови. Мицкоски веќе е пред мнозинство и извесно е дека ќе состави идната влада, а под знак прашалник е колку пратеници ќе имаат во Собранието.
Силјановска Давкова: „Вистински правен и политички чин“
Претседателката рече дека претседателот на Собранието беше избран со 76 гласа „ЗА“, а ваквиот чин таа го опиша дека ѝ дава за право дека Христијан Мицкоски ќе биде нов мандатар, односно иден премиер.
„Чест и задоволство ми е да верувам дека чекорот што го преземам доверување на мандат на Христијан Мицкоски е вистински правен и политички чин“, изјави Гордана Силјановска-Давкова.
Најавена реформска влада
Мицкоски се заблагодари на претседателката за укажаната чест и доделениот мандат, а својата влада ја опиша како „реформска“ каде владеењето на правото ќе биде врвен приоритет. Најави реформи во образованието, здравството, безбедносните структури и слично. Тој сепак не ги откри своите „адути“ и кои се имињата на новите министри.
„Набргу од сега ќе биде составена новата влада, реформска влада. Влада која ќе има основна цел и задача да се занимава со реформите, да ги движи процесите напред, да не тонеме како држава и општество во политичкото мочуриште на меѓуполитички препирки, туку да ја развиваме нашата држава, граѓаните во Македонија да се чувствуваат убаво, да нема граѓани од прв и втор ред, сите ние да бидеме еднакви. Да ги задвижиме работите во економијата, реформи во економијата, еден силен инвестициски циклус, тоа е она кое граѓаните го очекуваат од нас, подобрување на стандардот на живот. Исто така подобрување на стандардот на живот. Истовремено, владеењето на правото ќе биде наша основна водилка, нешто кое што изостануваше, би рекол, овие седум години“, потенцираше Христијан Мицкоски при доделувањето на мандатот.
Побара поддршка за измени на Законот
Христијан Мицкоски очекува дека измените во Законот ќе го поминат собранискиот филтер. Тој побара сите пратеници независно од која партија доаѓаат да го поддржат неговиот закон. Од СДСМ се уште без коментар. Рекоа дека ќе дадат поддршка ако им се допаѓа, а од Левица дадоа условна поддршка односно ќе дадале поддршка ако ВМРО-ДПМНЕ направи една изборна единица.