Премиерот Христијан Мицкоски денеска му одговори на лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче во врска со барањето за носење нов Кривичен законик, нагласаувајќи оти нов КЗ ќе се донесе, но по европски стандарди, а не по нечии потреби.
Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања на настанот на одбележаа 102 години постоење на Стопанската комора нагласи дека не е против нов Кривичен законик, но го праша Филипче што ќе се прави со овие дела кои застареле и за кои граѓаните бараат отштета.
Велат сработиле нов Кривичен, но што правиме со оние дела кои застареа и за кои граѓаните плаќаат отштета, за тие дела што застареле ќе вратат ли од украдените пари, бидејќи сега имате дела кои застареа и врз основа на тоа тие бараат отштета и добиваат од буџетот на државата. Тоа се милиони евра, тоа се ваши пари. Еве нека извадат од џеб и нека продадат дел од својот имот, а Бога ми го имаат, голем е имотот на поранешните функционери од СДСМ и нека врата во буџетот. Студент од прва година Правен факултет знае дека секое лице кое што ќе биде процесуирано ќе го користи оној закон, кој што во времето на сторување на делото е апликативен. Сега донесоа закон за да ги амнестираат своите криминали и на оние политичари, кои од минатото им беа потребни за да им застарат дел од делата, а сега ќе носиме нов закон, рече Мицкоски.
Додаде дека тие немаат проблем да носат нов закон, но тој закон ќе биде согласно европските закони, а не „како некому што му треба“.
И затоа и се чудам што и професори учествуваат позади овие изјави, се чудам зошто упорно не ја научија лекцијата и грешките кои ги правеа во минатото, но во ред тие си имаат свој начин на политика, мислат дека вака, со ваков фолклор ќе привлечат внимание. Може понекогаш човек не треба да ги коментира, но сепак се опозициска партија, рече Мицкоски, кој рече оти жали што СДСМ од некогаш државотворна партија се претвориле во малска група, која во јавноста на дневна основа смислувала некои тези.
Мицкоски нагласува дека Министерството за правда нема таков закон, како што претходно изјави Филипче.