-Јас не би се сложил дека е тоа политички спектакл, мислам дека граѓаните генерално во Македонија, народот на Македонија без разлика дали се тоа Македонци, Албанци, Турци, Власи, Бошњаци, Срби, Роми и останати се незадоволни од денешната политичка реалност. ВМРО-ДПМНЕ е политичка партија овие четири години помина низ многу премрежја и низ многу предизвици, јас сум убеден дека минатата година да не се случија сите овие злоупотреби, кои што би рекол беа фолклор од оние вонредни состојби кои што на дневна основа или по потребите на власта ги штанцаше Стево Пендаровски и тогаш ќе се случеше голема победа на опозицијата. Но, тоа е една друга тема за која што сме зборувале во Вашата емисија и не би се навраќал назад. Мислам дека вложивме многу како луѓе, и мислам дека имавме една свежа кампања со јасни пораки за многу теми, кои што ги тиштат граѓаните и направивме резултат од кој што би било неискрено да кажеме дека не сме задоволни. Задоволни сме од резултатот, бидејќи имаме еве околу 320 и неколку илјади гласови за кандидатите за градоначалници, што навистина претставува солиден резултат имајќи предвид дека ние немавме кандидати за градоначалници во многу општини во кои што во минатото традиционално сме имале, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во гостување во емисијата на телевизија Клан.
Мицкоски додаде дека на ваква ниска излезеност на локалните избори од 51,5%, ВМРО-ДПМНЕ доби над 320.000 гласови. ВМРО-ДПМНЕ доби над 70-тина советници ширум Македонија. Во градот Скопје ВМРО-ДПМНЕ доби убедлива победа. Пет општини во првиот круг ВМРО-ДПМНЕ во Скопје ги освои, дури и партијата има мнозинство на советници во Град Скопје.
-Во вториот круг сме во 28 општини во цела Македонија така што ценам дека навистина направивме солиден добар резултат. Продолжуваме со истото темпо, мораме да направиме резултат со кој што на крајот нели од локални избори ќе покажеме, докажеме дека можело во Македонија поинаку изминативе 30 години, нагласи Мицкоски.