Одговорајќи на новинарски прашања по поставувањето камен-темелник на ново училиште во Ченто, Мицкоски рече дека очекува раздвижување на економијата по забрзаната динамика на капиталните инвестиции и над три отсто раст на БДП во третиот и четвртиот квартал од годината, пишува Нова Македонија.
Ефектите од економската ситуација во Германија која, според премиерот, не е охрабрувачка, кај нас ќе се почувствуваат, како што рече, веројатно кон крајот на првиот и почетокот на вториот квартал идната година.
– Разговорот со германската Стопанска комора, беше пријатен и, би рекол, плоден. Веќе имаме неколку инвестиции во најава. Има една инвестиција во делот на енергетиката, нов ветерен парк – огромна инвестиција во потегот на општините Куманово, Ранковце, Крива Паланка и Старо Нагоричане, ерманска инвестиција, огромна 400 и нешто милиони евра. Струјата што ќе ја произведуваат, ќе ја продаваат на пазарот. За жал, четири години таа инвестиција не биле во можност да ја реализираат од причини кои не би ги коментирал сега во јавноста, ќе треба истражните органи да се позанимаваат. Но, веќе задолживме луѓе од Кабинетот што ќе ја следат на дневна основа реализацијата на оваа инвестиција која ќе значи уште еден чекор напред кон зелената транзиција, односно производство на електрична енергија од обновливи извори. Инаку, состојбата во германската економија не е охрабрувачка, туку е прилично предизвикувачка и очекувам ефектите што сега се случуваат во овој трет квартал во Германија, ние да ги почувствуваме кон крајот на првиот и почетокот на вториот квартал следната година – изјави Мицкоски.
Тој се осврна и на состојбите во индустријата кај нас, нагласувајќи дека последниве два месеца од доаѓањето на новата Влада, бројките се многу подобри.
– Индустриското производство просечно во вториот квартал паѓаше со 7 проценти. Просечно во првите два месеци од третиот квартал за којшто иаме досега обработени податоци, тоа се јули и август месец расте со 1,1 процент или во нето просечно е повисоко 8,1 проценти споредено со вториот квартал. Односно, во месец јули порасна за 3,8 проценти, а во месец август падна за 1,6 или во просек кога ќе се земе расте за 1,1 процент, додека пак, преработувачката индустрија и во првиот месец од третиот квартал јули и во вториот месец од третиот квартал август расте, во јули за 3,8 проценти, а во август мислам дека беше 1,1 процент, но треба тоа да го провериме. Извозот во август споредено со август минатата година е погоем за 12,2 процента, а увозот е помал за 1,6 проценти, така што не би се сложил дека извозот паѓа. Јас сега зборувам откако е оваа Влада, не зборувам за претходната. Откако е оваа Влада, избрана ова се параметрите – истакна премиерот.
Дополни и дека седум години додека соседите одеа напред, земјава одеше назад, па сега, како што напомена, мора да се прават крупни чекори.
– Порастот на БДП, согласно сегашните параметри, очекувам да биде меѓу прогнозите на ММФ и Светска банка или еден од подобрите во регионот или Европа, но да го почекаме декември кога излегуваат бројките за третиот квартал. Сепак, очекувам во третиот и четвртиот квартал растот да биде над три отсто со оглед на забрзаната динамика на капиталните инестиции – потенцира премиерот.
Во врска со проектите на општините, рече дека ќе бидат јавно објавени. – Не очекувам нови проекти, туку тие навреме што не доставија, да достават, а такви не се многу, нагласи Моцкоски.