Тој истакна дека во игра се неколку сценарија во развојот на настаните со Бугарија, а првото е Македонија да почне преговори на 22 јуни без дополнителни условувања, сценарио кое според Мицкоски е најмалку веројатно.
– Прво решение – ЕУ/ЕС да донесе одлука за отпочнување на преговори на 22. јуни без дополнителни условувања, а со дипломатијата која што следи во наредните две недели да се направи притисок врз Бугарија и техничката влада за тие да отстапат од ветото со што ќе се ослободи отпочнувањенот на преговори ос ЕУ, вели Мицкоски.
Второто можно сценарио Мицкоски го дели во две потточки, а дел од истото е прифаќање условите кои се дел од декларацијата на Бугарскиот парламент да бидат дел од преговорите на Македонија со ЕУ.
– Двоецот Заев-Бучковски преговараат со Бугарската техничка влада за прифаќање на условите кои се дел од декларацијата на Бугарскиот парламент, да бидат дел од преговарачкиот момент, и тоа во првиот фрагмент од преговорите (Фундаменталс). На маса за преговори ќе бидат јазикот, традицијата, историјата, културата што ќе значи дека додека не се прифати ова нема да има почеток на преговори – односно, ова ќе биде почеток без крај. Некаде 23-24.јуни ќе биде даден датум за почеток на преговори но со сите прифатени барања на Бугарија. Со ова, секоја идна влада која ќе сака да започне преговори со ЕУ ќе мора да ги прифати овие барања на Бугарија – со други зборови – асимилација, бугаризација или замрзнување на преговорите, вели Мицкоски.
Тој посочува и на опасноста бугарската декларација да биде прифатена усно, а потоа врз основа на тие усни гаранции Бугарија да ја блокира Македонија на патот кон ЕУ.
– Втората можност е сето ова да го прифатиме усно, па да добиеме датум, а потоа кога ќе има редовна влада во Бугарија истата да блокира преговори до прифаќање и официјално на барањата од декларацијата на бугарскиот парламент, вели Мицкоски.
За се ова што се договара, како што вели, зад кулисите, нема потреба да има официјализиран договор кој треба да помине на Влада, туку само усен договор.
– По ова, Македонија веќе нема да има проблем со Бугарија, но ќе има со Европската Унија што е значително посериозен проблем. Практично Заев во интервјуто на БГнес сето ова го навестил. ВМРО-ДПМНЕ нема намера ова да го прифати, ниту сака да го прифати исто како и Македонскиот народ, и не само Македонците но и Албанците, Турците, Власите, Ромите и сите други кои живеат во Македонија, вели Мицкоски.