Она што е многу важно за нас како држава е дека сме меѓусебно поврзани, вашата судбина е и моја судбина, рече вечерва претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски пред скопјани.

Од централниот митинг во Скопје Мицкоски зборуваше за фундаментални вредности, дека сите сме ние поврзани меѓусебно и нашите посебни судбини се дел од една наша заедничка судбина.

Судбината на мојот сосед чие дете има проблеми и не може да се лекува заради проблеми во системот, е и моја судбина. Судбината на учителот во Битола кој има ниски примања и не може да си го издржува семејството е и моја судбина иако јас не го познавам него. Нашите судбини се испреплетени. Тоа мора да го разбереме сите. Болката на другите е и моја болка. Болката на луѓето кои загубија блиски во тетовската болница е и моја болка.

Болката на земјоделците кои со насолзени очи и бес во себе велат дека не можат да си го продадат родот е и моја болка. Болката за ниските плати и разочарувањата кај луѓето кои ќе отидат во продавница со празен паричник е и мое разочарување.

Ако има пензионер кој не може да си ги плати лековите заради малата пензија и треба да одбере дали да купи подарок на внучето или лекови за себе, тоа е моја болка и мој проблем, без разлика што тоа не се мои дедо и баба. Вашата битка е и моја битка.

Тој повика дека сите треба да функционираме како едно за оваа земја да има успех. Со грижа еден за друг, со поддршка еден за друг.

Американците го имаат E pluribus unum – од многу, едно. Тоа е филозофијата во која треба да веруваме, а се однесува и на нас како држава, како индивидуи, со проблемите и поделбите што ни се случуваат. И додека го зборувам ова, некаде длабоко скриени во кујните на пропагандата на противникот се готват планови како да најдат маана на ова и како да го извртат и да го спречат да се случи. Јас сакам да им порачам. Не! Не можете да го спречите ова! Не можете да го спречите овој бран на позитивна енергија и верба во сопствената држава и во себе. Народот е свесен за реалноста и знае дека е тоа единствениот пат напред. Да се почитуваме меѓу себе, да се грижиме едни за други, да бидеме чувари на нашиот ближен затоа што нивната судбина е и наша судбина. Тоа е мојата политичка филозофија со која планирам да одиме напред, рече тој.