„ За жал има и такви денеска кои што се занимаваат со политиката, а не сакаат да слушаат или не сакаат да читаат па носат одлуки кои што за жал потоа имаат импликации и за минатото, но она што е поважно и за иднината“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешната трибина насловена „Гоце е Македонија“ која што беше организирана во рамките на одбележувањето на 120 години од Илинденското востание и 130 години од основањето на ВМРО.
Мицкоски додаде дека тој сака малку да зборува за иднината бидејќи е сигурен дека тоа што беше главната водилка на Гоце Делчев, а тоа е дека тој го разбира светот како поле на културен натпревар претпоставува дека денеска ќе се преслика како натпревар во многу области.
„И ние како Македонци, како луѓе кои што се носители на суверенитетот на нашата Македонија, заедно со нашите сограѓани Албанци, Турци, Власи, Срби, Роми, Бошњаци и останати треба да се натпреваруваме заедно со многу поголеми и многу помоќни држави од нашата Македонија и многу поголеми и многу помоќни народи, не само во нашето опкружување, во Европа, па и во светот. И тоа сме покажале дека сме способни да го правиме, да победуваме, кога победуваме да се радуваме, а кога губиме да тагуваме, но секогаш сме биле достоинствени и во победите, но и во поразите. Нашата Македонија родила многу свои чеда кои што го обелиле образот на истата таа Македонија, и сигурен сум дека Гоце бил горд на тие луѓе“, заклучи Мицкоски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ посочи дека политичкиот противник прави доста грешки. Политичкиот противник денеска ја води владата, но ја води на тој начин што е помал коалиционен партнер на Демократската унија за интеграција.
„Треба да сме свесни дека тоа што ќе го во иднина наследиме и кое што ќе треба да го корегираме е озбилен проблем. Кога велам озбилен проблем мислам на големината на проблемите кои што ќе ги наследиме. И тие проблеми ќе треба да ги решава ВМРО-ДПМНЕ. Тука не мислам само на националните проблеми кои што ќе ги наследиме, тука мислам и на образовните, тука мислам и на социјалните, тука мислам и на економските, на политичките проблеми. Во суштина има многу проблеми кои што ќе треба да ги решаваме. Не очекувајте дека некој друг ќе ги реши. Треба ние да ги решиме. Видовме од овие 68 месеци се веќе Влада дојдоа со ветувањето за живот, пекол донесоа, ја опљачкаа, ја разнебитија, ја понижија Македонија. И затоа денеска професоре, бевме сведоци наместо на еден убав свечен чин кој што треба да не обедини ние гледаме чин кој што не разединува, не дели и затоа хеликоптери кружеа над небото над главниот град. И тоа е суштината во која што ние денеска живееме“, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој нагласи дека денес се живее во поделби, граѓаните се соочуваат и државата со многу проблеми, и многу сограѓани гледајќи го тажното и мачно секојдневие си заминуваат од земјава. А, главен виновник за сето ова е неспособната Влада.
„А, тоа ќе продолжи ако нешто не се смени. Ние како ВМРО-ДПМНЕ треба да бидеме предводници на тоа нешто за да менуваме. Пред пет години малкумина беа убедени дека ВМРО-ДПМНЕ најпрвин ќе опстане на политичкава сцена, но откако опстана, дека ВМРО-ДПМНЕ ќе дојде во ситуација да денеска биде најголемата повторно политичка партија во Македонија и партија која што ќе се обиде на следните предвремени парламентарни избори да го обедини пред се македонскиот народ, но и сите оние наши сограѓани кои што веруваат дека ВМРО-ДПМНЕ може да донесе подобар живот, да донесе надеж“, рече Мицкоски.