Вкупно 252 студенти досега се одбиени на конкурсот за сместување во студентските домови бидејќи не ги исполнувале пропишаните критериуми, соопшти министерката за образование и наука Весна Јаневска во гостувањето на 4ТВ. Како главни причини за одбивањето ги посочи некомплетната документација при електронското аплицирање и несоодветниот студентски статус.

Според Јаневска, право на сместување во студентските домови имаат исклучиво редовните студенти. Оние кои се со апсолвентски статус подолг од три години го губат правото на престој. Проблем, како што објасни министерката, се појавува и кога студентите при електронското аплицирање не ја доставуваат целата потребна документација.

„Аплицирањето е целосно дигитализирано и апелирам до студентите да внимаваат кога ги прикачуваат документите. Мора да бидат редовни студенти и да ја достават целата потребна документација за да добијат место“, истакна министерката.

Јаневска најави дека доколку и по завршувањето на сите рокови останат слободни места во домовите, Министерството за образование и наука подготвува нов правилник. Со него би се овозможило неискористените капацитети комерцијално да им се понудат на студентите, но по значително повластени цени.