Денеска имавме заеднички состанок со коалицијата за „Обнова на Македонија“, на овие избори коалицијата за „Обнова на Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ освои повеќе од 55.000 гласови повеќе од СДСМ, на советничките листи. Тоа е убедлива победа. Јасна порака до власта, а за нас голема одговорност, истакна денеска претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Мицкоски вели дека иако сликата е јасна има уште еден круг на овие локални избори.
-И уште еден чекор до промени и остварување на нашата заедничка нова иднина. Она што го видовме во првиот круг од изборите, а тоа се поткуп на гласови, полнење на кутии, притисоци, уцени, го очекуваме во поголема мера во вториот круг. Но, воедно ги повикувам граѓаните да излезат во што е можно поголема бројка во вториот круг на изборите бидејќи само со мобилизација и зголемена излезеност може да се победи полицијата на Спасовски, обвинителството на Рускоска и сите оние бандити кои што се закануваат низ Македонија и собираат на тој начин поддршка за СДСМ и коалицијата која што ја предводи СДСМ. Но, остана уште само еден чекор – нова иднина на почитување на вредностите, принципите, на промените, проектите и победите. Откако неуспешно велеа дека се најдобри, денес СДСМ вели дека ќе донесе прогрес. По пет години власт нивниот прогрес е прогрес на криминалот, корупцијата, прогрес на инфлацијата и цените во маркетите, прогрес на трошоците за живот. Прогрес на аферите и скандалите, на неказнетиот криминал, на неуспесите во здравството, КОВИД жртвите, експериментите во образованието. Прогрес на нивниот личен имот и лични удобства, за сметка на сиромаштијата кај народот. Не е тоа прогрес, тоа е назадување за народот и земјата, нагласи претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Посочи дека изборите покажале дека има сериозно антивладино расположение и незадоволство од власта.
-А, опозициските гласови и нивната заедничка цел е ПРОМЕНА НА ВЛАСТА И НОВА ИДНИНА ЗА МАКЕДОНИЈА. Затоа повикувам на ЗДРУЖЕНА ОПОЗИЦИЈА. ЗАЕДНИЧКИ до целта за подобра и нова иднина. Секоја наша разлика во опозицијата е помала од заедничката цел да ја собориме оваа власт за да Македонија оди напред со сите луѓе. Здружена опозиција на леви, центар и десни, со една мисија рушење на оваа Влада, бандитизмот и стегите кои носат сиромаштија, несреќен живот и апатија. Подавам рака за обединување и здружена опозиција, а тоа и го бара народот на овие избори. Македонија има иднина, Македонија мора да победува. На чекор сме. Сите заедно да направиме големи работи, иднината да дојде сега. Заеднички сите заедно обединети до целта, дециден е Мицкоски.