Тоа значи дека државата за жал доживува уште еден неуспех, уште една година празен од на патот кон ЕУ. Поминаа точно 5 години откако оваа иста влада ветуваше европска иднина, а останавме заглавени во спорот со нашиот источен сосед. Три години од Преспанскиот договор, а земјата не е мрдната ниту милиметар од она што оваа иста власт ветуваше дека ќе го добиеме, да имаме европско бесплатно здравство, европско бесплатно високо образование, отворени граници со државите на ЕУ. Четири години откако првиот пат Зоран Заев и министрите излажаа дека сме добиле датум за преговори, и секоја година потоа истата лага дека само што не сме го добиле тој датум, кој што всушност сме го добиле пред три години. Во меѓувреме, Македонија е блокирана и заглавена од комплетно ирационален, новосоздаден и реален спор кој го имаме со источниот сосед, рече Христијан Мицкоски, лидер на ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес конференција.
Воедно како поминува времето, рече Мицкоски, забележливо е дека бугарските барања се зголемуваат, и дека македонската влада има целосно отсуство на стратегија и план.
Притоа, додаде тој, тие забораваат дека нашите црвени линии, ќе повторам нашите црвени линии се јасно напишани Резолуција која што и СДСМ ја гласаше во македонското Собрание.
„Целокупната оваа ситуација наликува на стапот и морковот. При што секое доближување до морковот, владата го фали како нов успех, а за секое наредно доближување до него создава нови очекувања и надежи по кои следат потоа големи разочарувања. Многу често ме прашуваат каков да биде нашиот пристап како држава? Да бидеме отворени спрема сите соседи, на взаемна почит, да даваме почит и да бараме почит, но и да не коленичиме, продаваме и тргуваме со нашиот идентитет. Така Македонија губи достоинство, а Бугарија штити свои позиции. Јасно да се придржуваме до рамката дадена со Резолуцијата изгласана во македонскиот парламент“, рече Мицкоски.
Мицкоски посочи и што се случуваше последните десетина дена.
„Министерот Бујар си правеше свој маркетинг во владината битка на докажување, Заев и Ковачевски си правеа меѓусебни состаноци, додека Пендаровски се радуваше на новиот пристап кој и не нов, а Македонија и граѓаните добија неформално вето. Никој од власта во Македонија не посети ниту еден европски лидер, да направи убедување или притисок за одблокирање на овој процес. И да се побара од нашите стратешки партнери ЕУ она што ни припаѓа, а тоа е несомнено датум за почеток на преговори“, кажа Мицкоски.