„Свиркач“ достави информации дека има организирана мрежа за изработка и издавање на патни исправи кои се давале на високи мафијашки структури, рече на денешната прес-конференција лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
-Се работи за легални пасоши, одобрени, изработени и издадени од Министерството за внатрешни работи и полициски структури, но со украден идентитет. Нашите информации говорат дека ваквите патни исправи издадени од МВР, на белосветски престапници, има повеќе стотици, рече Мицкоски.
Тој кажа дека оваа акција ја започнал Наќе Чулев, а додаде дека доколку ВМРО-ДПМНЕ не одржале прес-конференција, власта ќе продолжела да молчи за ова.
– Од МВР велат дека акцијата против мафијата започнала уште пред една година, иако ваков пасош бил издаден пред цели 4 години. Токму оваа акција ја запчона Наќе Чулев, што значи дека претходните 3 години тие ги преспале, а после министерувањето на Чулев тие продолжиле да молчат за криминалот на мафијата, вели Мицкоски.
Опозицискиот лидер Мицкоски побара одговорност од владата за аферата Мафија. Прес-конференција одржа и Оливер Спасовски. Тој вели дека е сузбиена група која издавала македонски пасоши на странци со туѓ идентитет, на држави на Македонија кои не поседувале биометриски документи. Во групата биле вклучени лица кои работеле во управните служби во полицијата.
– Ќе биде поднесена кривична пријава до 10 лица, од кои 9 се приведени. Тие утре ќе бидат предадени на надлежниот суд, рече Спасовски.
Додава дека Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ шират лажни вести.
– За ваквите обиди за саботажа на акцијата, очекувам да се произнесе јавното обвинителство, изјави Спасовски.