ВМРО-ДПМНЕ, апсолутно и во новата година останува на барањето за предвремени парламентарни избори затоа што потребно е оваа влада на ДУИ и СДСМ да си оди за Македонија да може да тргне напред, вели претседателот на партијата, Христијан Мицкоски од пред соборниот храм „Св. Климент Охридски“, одговарајќи на новинарски прашања.
-Апсолутно, не се менува тоа барање. Апсолутно, предвремени парламентарни избори се потребни за да може да тргне Македонија напред. Затоа сакам да се обединиме околу тоа и да излеземе сите заедно да поддржиме предвремени парламентарни избори кој што ќе се случат најдоцна на средината или втората половина на мај месец оваа година, рече Мицкоски.
Посочи дека огромно мнозинство од пратениците на владејачките партии СДСМ и ДУИ, јавно рефлектираат позиција дека се за предвремени парламентарни избори.
Мицкоски не сака да ги посочи пратениците со имиња, пред се поради октроираното судство и обвинителство и подготвеноста на власта да користи разни методи за да ги зачува фотелјите, но, додаде, очекува да додржат до зборот и на крај на јануари или почеток на февруари ќе гласаат за распуштање на Парламентот и формирање на техничка Влада, по што втората половина на мај би се одржале предвремените парламентарни избори.
-Огромно мнозинство од пратениците на СДСМ и ДУИ рефлектираат позиција дека сакаат да има предвремени парламентарни избори, да дојде крајот на оваа влада. Имајќи го предвид карактерот на ДУИ и на СДСМ, имајќи предвид токму она што сега го зборував, октроираното обвинителство и судство и методите на кои што се спремни за да ги задржат фотелјите, јас не би одел понатаму со имиња. Затоа што ценам дека ова што нас не охрабрува, на нивните позиции за предвремени парламентарни избори ќе додржат до крај и кон крајот на јануари месец, најдоцна почеток на февруари ќе изгласаме распуштање на Парламентот, средината на февруари формирање на техничка Влада и избори, таму некаде, втората половина на мај месец, истакна Мицкоски.