Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека состојбата со водоснабдувањето во Гостивар постепено се стабилизира и дека институциите, во координација со експерти, работат на целосно надминување на проблемот. Тој нагласи дека одговорноста за водоснабдувањето е на Општина Гостивар, додека политичките партии ги повика да не шират хистерија околу случајот.

Во интервју за подкастот „Риштази“, Мицкоски истакна дека услугите поврзани со водоснабдувањето се исклучива надлежност на општината и дека постои утврден начин на комуникација со државните институции кога станува збор за проверки и контроли. Тој информираше дека од денеска граѓаните можат да ја користат водата за технички потреби, бидејќи инсталациите биле прочистени, односно хиперхлорирани.

„На сите треба да ни е јасно дека станува збор за одговорност која што е на општината и тоа е многу важно да се констатира, бидејќи тие услуги се исклучиво одговорност на општината. Има начин како општината комуницира со државните институции во делот на проверки и слично. Што се однесува до Гостивар од денеска има веќе техничка вода, изминативе неколку денови параметрите беа позитивни кога велам во насока на тоа дека инсталациите се прочистени, односно хиперхлорирани и денеска веќе можат граѓаните да ја користат за техничка употреба, не за пиење и готвење“, изјави премиерот Мицкоски.

Тој додаде дека процесот на хиперхлорирање ќе продолжи и во наредните денови и дека во втората половина од оваа недела се очекува водата да може да се користи и за пиење и за подготовка на храна.

Осврнувајќи се на одговорноста, Мицкоски рече дека директорот на јавното комунално претпријатие не е поставен од Владата, туку од градоначалникот. Воедно, нагласи дека Обвинителството веќе работи на утврдување на одговорноста.

„Да вие на тој начин неодговорно се однесувате, тоа е нешто кое најмалку може да се очекува дека човек кој е поставен да ја води таа институција на тој начин ќе се однесува како таму се однесувале неколку луѓе, не еден човек. Вие не можете да донесете одлука и таа одлука да ја спроведете сам без притоа да добиете налог или да повикате помош од одредени луѓе за логистика. Во случајов имаме човечко несовесно однесување“, потенцираше премиерот Мицкоски.

Премиерот истакна дека во неговиот тим има експерти со кои редовно се консултира за состојбите и чии совети ги користи при носењето одлуки. Тој нагласи дека брзо било реагирано за да се обезбеди вода за пиење и упати благодарност до граѓаните, компаниите и институциите кои помогнале во справувањето со состојбата.

„Благодарност и до Град Скопје и Јавното претпријатие Водовод кое со свој тим учествуваше во хиперхлорирањето за обезбедување на техничка вода и на сите кои имаат трпение. Се надевам дека вакви случаи нема да се случуваат во иднина, обвинителството си ја врши својата работа, сега ќе видиме кој е се одговорен“, изјави премиерот Мицкоски.