Премиерот Христијан Мицкоски денеска присуствуваше на свеченото испраќање на учесниците во 48. Традиционален Илинденски коњички марш, кое се одржа во дворот на црквата „Св. Петар и Павле“ во скопско Горно Лисиче. Од таму, коњаниците го започнаа патот кон Крушево, каде и оваа година ќе им оддадат почит на илинденците и на сите кои ја вградиле својата жртва во македонската слобода.

Во објава на социјалните мрежи, Мицкоски истакна дека на учесниците им посакал среќен и безбеден пат.

„Денеска присуствував на свеченото испраќање на учесниците во 48. Традиционален Илинденски коњички марш, кој се одржа во дворот на црквата „Св. Петар и Павле“ во Горно Лисиче.

Со гордост им посакавме среќен пат кон Крушево, каде што и оваа година ќе им оддадат почит на илинденците и на сите што ја вградија својата жртва во македонската слобода.

Нека нивниот пат биде безбеден, а традицијата што ја негуваат продолжи да ги обединува сегашните и идните генерации“, напиша премиерот Мицкоски.