Во однос на набавката на кинеските вакцини, Мицкоски потенцираше дека се работи за огромен криминал, односно дека власта е фатена со рацете во медот. Набавката на вакцините е сомнителна од самиот почеток на процедурата и за тој случај некој ќе мора да сноси последици, бидејќи не е нормално да се премолчи криминал тежок 7,8 милиони долари, односно пари кои што биле дадени како аванс на фирмата посредник, вели Мицкоски.
Парите кои биле префрлени на фирмата посредник за која што Заев и Филипче велеа дека не постои, се пари на граѓаните на Република Македонија. Во време на светска здравствена пандемија, каде што секојдневно се губат човечки животи, власта пресметува провизии и краде народни пари врз грбот на граѓаните кои се уште молат за вакцини, додаде Мицкоски.
Додека сите земји од светот ги набавуваат вакцините по цена од 25 до 35 долари, Република Македонија истите вакцини ги плаќа над 60 долари, што е речиси двојно повеќе. Тоа е доказ дека оваа власт е до гуша вмешана во криминал и дека народни пари се крадат на дневна основа, но за сето тоа ќе следи дебела казна и некој ќе мора да одговара за сиот сторен криминал, истакна Мицкоски.
– Во однос на прашањето за изградбата на Клиничкиот центар, Мицкоски беше дециден дека Клинички центар треба да се изгради, но со далеку помалку средства, бидејќи за многу помали пари може да се изгради далеку подобар и пософистициран Клинички центар, а останатиот дел од парите да се искористат во перспективата на младите лекари во Македонија. Наместо младите лекари да ги полнат клиниките низ Европа, да останат во Република Македонија и да учествуваат во заврснувањето на здравствениот систем, вели Мицкоски.
ВМРО-ДПМНЕ нема никогаш да дозволи да се потрошат 508 милиони евра за само триесетина страни физибилити студија и уште дополнителни средства за други инсталации кои се предвидени во таа физибилити студија, како што се пристапните патишка, енергетското напојување, гасното напојување и уште низа други зафати кои државата ќе ја чинат премногу, истакна Мицкоски
– Ние како политичка партија, не можеме да дозволиме најкорумпираната власт во Европа да потроши 508 милиони евра народни пари само за триесетина страни физибилити студија. Кога власта ќе има подготвен и реален проект, проект кој може да добие своја финализација, тогаш ВМРО-ДПМНЕ ќе поддржи изградба на Клинички центар. Ние како ВМРО-ДПМНЕ веќе имаме идејно решение и проект кој опфаќа ревитализација на постојниот Клинички центар “Мајка Тереза”, изградба на Ковид центар и спојување со постоечката Воена болница, како и со болницата Букурешт, а дополнително на тоа и вложување средства во три универзитетски клинички болници како што се болниците во Штип, Битола и Тетово, додава Мицкоски.
Доколку Владата е заинтересирана за вложување во јавното здравство, тогаш тоа не мора да го прави преку криминални дејанија, туку нека го поддржи проектот на ВМРО-ДПМНЕ за обновување на Клиничкиот центар Мајка Тереза, за спојување на Воена болница со болницата Букурешт и на таков начин ќе се помогне реално на граѓаните. ВМРО-ДПМНЕ има готов проект, власта треба само да го прифати и да ги одобри средствата кои државата ги има за реализација, а тоа значи дека истиот може да отпочне со реализација веднаш. Се останато е само празна флоскула и манипулација со јавноста, која што ВМРО-ДПМНЕ нема да ја прифати, заврши Мицкоски.