Извор од Ватикан соопшти дека првата група мигранти од Кипар треба да пристигне во Рим денеска.

Трансферот го координира Заедницата Свети Егидиј, која редовно организира ваков вид на акции преку хуманитарни коридори. Мигрантите утре ќе бидат примени во Ватикан на приватна аудиенција.

Кипарските власти објавија дека „12 од 50-те баратели на азил што ги избра папата Франциск за време на посетата „тргнале и „ќе бидат примени во Ватикан“, пренесува Хина.

Меѓу нив се и 25-годишната Сомалијка Хинда Варсаме и нејзините сестри Наима и Фадумо, на возраст од 22, односно 19 години. Тие пораснале во Саудиска Арабија, а потоа биле депортирани во Сомалија. Побегнале со студентски визи во Турската Република Северен Кипар, а потоа се преселиле во Република Кипар, земја членка на ЕУ со најголем број баратели на азил по глава на жител.

Во Италија ќе замине и Иса Чама (37), кој со семејството побегнал од Сирија во Либан во 2017 година, но таму немало иднина за неговите деца. Кипарските власти ги пресретнале на море и го одвоиле од неговите синови на возраст од 12, девет и две години. Децата биле вратени во Либан, а тој бил сместен во кипарска болница. Се надева дека ќе успее да ги пресели во Италија. Споменатите мигранти се муслимани и се многу благодарни на папата што ги избра.

Од друга страна, Грејс Енјеи (24) и Даниел Ејубе (21) се христијани од Камерун, каде се водат жестоки конфликти. Грејс се надева дека ќе ги продолжи студиите во Италија, а Даниел сака да стане фудбалер.