Прва официјална посета на Зоран Милановиќ по изборот на Сиљановска – Давкова

Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, за време на неговата прва официјална посета на Скопје и Македонија по стапувањето на функцијата на претседателката Гордана Сиљановска – Давкова, испрати јасна порака дека државата не треба да прифаќа изнудувања во замена за членство во Европската Унија.

„Одлуката е ваша – немојте да бидете жртва“

„Вие сте тие кои ќе одлучите што е важно за вас. Само немојте да бидете жртва на некаква принуда, изнудување, кога станува збор за членството во ЕУ“, изјави Милановиќ на заедничката прес-конференција со Сиљановска – Давкова, одржана во Вила Водно.

Сиљановска-Давкова го пречека Милановиќ: Хрватска е искрен пријател и поддржувач на патот кон ЕУ

Милановиќ од Скопје истакна дека не доаѓа да дели совети, но и дека не сите совети од соседите, меѓународната дипломатија или ЕУ се паметни и корисни.

Сиљановска – Давкова: „Ветото не е пријателски инструмент“

Претседателката Гордана Сиљановска – Давкова потенцираше дека Копенхагенските критериуми се тие што ќе ја направат Македонија „стандардна европска, досадна држава“. Таа додаде:

„Очекувам разбирање, а се разбира ние во меѓувреме мора да ја тераме државната агенда, економски, културно да се развиваме.“

Поддршка од Хрватска и пријателски односи

Сиљановска – Давкова ги оцени односите со Хрватска како традиционално пријателски, истакнувајќи дека соработката напредува во сите сфери. Таа потсети на поддршката од Хрватска во 2020 година, за време на нејзиното претседателство со ЕУ, кога Македонија, заедно со Албанија, направи значаен чекор кон евроинтеграциите.

Извор: СДК