Голем интерес за мерката „Вработување и раст на правни субјекти“
Вкупно 44 компании од Делчево поднеле апликации за мерката „Вработување и раст на правни субјекти“ од Оперативниот план за вработување, со што е планирано да се обезбеди работа за 65 невработени лица. На национално ниво, досега интерес пројавиле повеќе од 1.400 компании, додека се регистрирани над 1.700 апликации од невработени лица.
Овие податоци беа презентирани на денешниот Информативен ден, организиран од Министерството за економија и труд и Општина Делчево.
Заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, оцени дека големиот интерес за мерката потврдува дека активните политики за вработување ги даваат очекуваните резултати.
„Преку мерката „Вработување и раст на правни субјекти“ финансиски се поддржуваат компаниите кои ќе вработат лица евидентирани како невработени, со посебен акцент на младите до 29 години и лицата од ранливите категории. Работните места се со полно работно време, а работодавачите имаат обврска нововработените да ги задржат согласно условите утврдени со мерката“, изјави Ристески.
До 1,25 милиони денари поддршка за компаниите
Ристески посочи дека досегашната реализација на мерката покажува високо ниво на успешност.
„Дури 80 проценти од мерките „Вработување и раст“ и „Самовработување“ даваат резултати, што потврдува дека станува збор за исправни политики насочени кон намалување на невработеноста и создавање услови младите да останат во државата. Секоја компанија може да добие субвенција од 850.000 до 1.250.000 денари, во зависност од нејзината големина и вид, а средствата овозможуваат вработување до пет лица“, рече Ристески.
Според презентираните информации, првата подмерка „Вработување и раст на правни субјекти“ предвидува финансиска поддршка за вработување на вкупно 1.385 лица, за што се обезбедени околу 5,4 милиони евра.
Општина Делчево најави ангажирање нов кадар
На Информативниот ден се обрати и градоначалникот на Делчево, Иван Гоцевски, кој нагласи дека мерките од Оперативниот план имаат значајно влијание врз развојот на локалната економија, отворањето нови работни места и намалувањето на невработеноста.
Тој најави дека Општина Делчево ќе ги искористи можностите што ги нуди Оперативниот план за ангажирање нов кадар, со посебен акцент на зајакнување на противпожарната заштита.
Информативниот ден предизвика голем интерес кај компаниите од Делчево и кај невработените лица, кои беа детално запознаени со условите и можностите за користење на мерките од Оперативниот план за вработување за 2026 година.
