Првата порака е дека на 17-ти октомври оваа година еден човек во Лозово треба да биде загрижен и уплашен, и тој веќе е загрижен и уплашен, и тоа е актуелниот градоначалник бидејќи нему времето му одбројува. Успеа како успеа пред четири години со лаги, измами и во тој политички момент да стане градоначалник и од пред четири години до денес за жал општина Лозово во цела Македонија и на сите медиуми стана општина за лоши вести. Стана општина од каде што слушаме дека се тормозат на работа и се малтретираат вработени жени, дека се губат судски спорови заради бркање од работа, заради тоа што некој размислува поинаку од градоначалникот. И општина Лозово стана општината каде што гледаме дека градоначалникот две третини од годината не е во својата родна општина каде што е градоначалник, истакна Антонијо Милошоски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ на митингот во Лозово.

Милошоски додаде дека е срамота да зема градоначалникот плата од општината, а шест месеци во годината да бидеш во Германија или во Австрија.

Затоа сметам дека општината треба да ја води човек кој што живее тука, кој што си ја сака општината, кој што е израснат во Лозово и кој што иднината и перспективата ја гледа во општина Лозово. А, таков кандидат е Бошко Цветковски. И сметам дека ја заслужува поддршката на сите жители како човек кој што има и желба и потенцијал да работи за развој на општината. И тој е единствен од кандидатите во општина Лозово кој што јавно се обврзува дека нема да стави свој потпис на бизнис зделката која што МЗШВ и актуелниот градоначалник сакаат да ја направат за фабрика за мрши во општина Лозово, рече Милошоски.

Милошоски посочи дека втората порака која што сака да ја пренесе е дека на 17-ти октомври нема да има победнички резултат ВМРО-ДПМНЕ само во Лозово, туку ќе има победнички резултат во цела Македонија.