Поранешниот градоначалник на Општина Лозово и актуелен координатор на СДСМ за општинските организации во Третата изборна единица, Ацо Велковски, објави видео на Фејсбук на кое се гледа како со својот автомобил се движи зад службено возило на Министерството за внатрешни работи, а во објавата тврди дека му дошло да ги „предизвика на трка“.

Велковски во видеото го снима полициското возило додека се движи по автопатот Скопје – Велес. Во еден момент тој коментира дека дозволената брзина е 70 километри на час, додека од снимката може да се забележи дека неговиот „мерцедес“ се движи со 100-110 километри на час.

Во придружната објава, поранешниот градоначалник вели дека му дошло да го „предизвика“ службеното возило на трка.

Сепак, според неговите зборови, се откажал од идејата откако се сетил дека на автопатот има камери од проектот „Безбеден град“.

– Не се откажав затоа што не можев да ги победам, туку затоа што се сетив дека има камери од „Безбеден град“ – вели Велковски во објавата.

Снимката предизвика реакции на социјалните мрежи, особено поради начинот на кој Велковски го опишува однесувањето во сообраќајот и идејата службеното возило на МВР да биде „предизвикано“ на трка.

Од самата снимка не може да се утврди дали полициското возило воопшто било свесно дека се снима или дека возачот зад него планирал да го „предизвика“ на трка.

Она што може да се забележи е дека станува збор за јавен пат, а не за сообраќајница наменета за трки. Дополнително, службените возила на МВР на патиштата се користат за извршување на службени задачи, а не за натпреварување со други возачи.

Случајот повторно го отвора прашањето за однесувањето на возачите на автопатите и почитувањето на сообраќајните правила, особено во ситуации кога возачот самиот јавно објавува снимка од своето возење.

 

Од ВМРО-ДПМНЕ му порачаа да се сети дека на патот не е шериф, не е над законот, и дека не е на тркачка писта.

„Ацо, истиот оној за кого јавноста поставуваше прашања околу лотаријата што ја организираше Општината, при што беше извлечена награда што ја доби неговата сопствена ќерка.
Истиот оној за чие работење низ годините јавноста слушаше сериозни обвинувања за притисоци врз вработени, мобинг и постапки против политички неистомисленици.
Истиот оној чие име беше поврзувано и со случајот со вработена жена која била отпуштена додека била бремена.
Истиот оној за кого денес постојат и сериозни правни и судски прашања поврзани со неговото работење.
И токму тој човек денес повторно се обидува да ни држи лекции.
Сега од својот скап „Мерцедес“, возејќи зад службено возило на припадници на Министерството за внатрешни работи, ги снима службените лица и службеното возило без нивна согласност, а потоа видеото го објавува јавно.

Но, тоа не е најинтересниот дел.

Во видеото јасно се гледа дека вози со брзина поголема од дозволената, а самиот зборува дека при дозволени 70 километри на час се движи со значително поголема брзина.

Потоа следува бисерот.
Му дошло да ги „предизвика на трка“. На автопат. Зад службено возило на МВР.

И притоа остава впечаток дека не се откажал затоа што не можел да ги победи, туку затоа што му текнало дека има Safe City.

Е, Ацо…

Што сакаше да докажеш?

Дека твојот скап „Мерцедес“ е побрз од службеното возило на МВР?

Дека можеш да ги „тепаш“ на трка, ама камерите ти ја расипаа забавата?

Или дека службеното возило на полицијата го гледаш како предизвик за трка?

Автопатот не е тркачка патека.
Полициските службеници не се противници на трка.
А службената работа на МВР не е забава за некој да ја снима и потоа да се фали на социјалните мрежи.

И тука доаѓаме до најголемата иронија.

Човек кој сака да се претставува како борец за ред, правда и закон, јавно покажува однос кон правилата кој остава впечаток дека тие се важни само додека не му пречат.

А можеби токму затоа некогаш му беше порачувано да не изиграва „локален шериф“. Изгледа титулата му останала во глава.

Само што денес нема општинска функција зад која може да се крие. Денес има камери. Има институции. Има закони.

И, за среќа, законот не се мери според тоа кој има поскап автомобил.

Затоа, Ацо, следниот пат кога ќе помислиш да предизвикуваш полицајци на трка, сети се на нешто многу поедноставно од Safe City: Сети се дека на патот не си ШЕРИФ. Не си над законот. И не си на тркачка писта.
А ако навистина мислиш дека можеш да ги победиш… не мораш да ни објаснуваш колку си брз. Доволно е да покажеш колку го почитуваш законот“, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.