„Забележавме дека ДУИ и СДС создадоа проблем за Македонија по однос на сервилноста кон Бугарија. Како партија се обидовме да понудиме две сериозни решенија кои би можеле да ја поправат оваа грешка, но гледаме дека од лидерската средба до денес СДС се занимава само со манипулации наместо сериозно да пристапи кон одбирање на некој од овие решенија како можен излез од оваа криза во која ја втурнаа Македонија“, истакна пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски во вклучување во Дневникот на Телевизија Сител.

Тој додаде дека бидејќи таквиот однос не заслужува понатамошно внимание затоа вечерва ќе е испратена порака дека е време оваа точка да се затвори.

„Ако СДС е кираџија во сопствената Влада, а особено премиерот Ковачевски и нема капацитет реално да ги разгледа понудите на ВМРО-ДПМНЕ тогаш подобро е веќе да не разговараме и малтретираме јавноста со иста реторика“, кажа Милошоски.

Милошоски истакна дека потребно е да продолжиме да се спремаме за она што ни е најбитно а тоа е подготовка на програмата и соработката со народот за предвремените избори кои треба да се случат во Македонија и каде СДС ќе доживее голем пораз.

„ВМРО-ДПМНЕ се подготвува активно особено во делот на економијата бидејќи најголем проблем е инфлацијата и намалувањето на животниот стандард. Правиме програма за образование и капитални инвестиции и сметам дека ќе имаме многу добра и конкурентна програма која народот ќе ја прифати“, дециден е Милошоски.