Министерството за здравство информира дека досега нема регистриран ниту хоспитализиран пациент во Скопје чија здравствена состојба е поврзана со консумирање загадена вода.
Ова го потврдил директорот на Инфективната клиника, д-р Фадил Цана, на денешната прес-конференција во Министерството за здравство. Информацијата ја потврдиле и одговорните лица од Институтот за јавно здравје и Центарот за јавно здравје – Скопје.
Оттаму посочуваат дека досега не е регистриран случај на пациент кај кого здравствените проблеми се поврзуваат со консумирање вода за која постои сомнеж дека е загадена.
Министерството за здравство најави дека активно ја следи состојбата и дека јавноста навремено ќе биде информирана за сите релевантни податоци.
Воедно, од Министерството апелираат до медиумите и јавноста информациите поврзани со здравјето да се објавуваат точно и објективно, со претходна проверка на фактите.
