Министерот за финансии гостуваше во емисијата „Економски магазин“ на тема „Фискална децентрализација“, каде ја презентираше реформата за унапредување на фискалната децентрализација.
И самиот автор на емисијата „Економски магазин“ Горан Теменугов преку социјалните мрежи посочи дека се работи за ненамерна грешка.
– Поради мала непрецизност објавена на веб-страната на Алсат, каде што стоеше дека ќе се зголемува ДДВ и персоналниот данок, дојде до забуна во јавноста. Информацијата се однесува на зголемување на тоа колку општините ќе добиваат од собраниот ддв и персоналец, а не на зголемување на даноците. Значи, ќе се зголеми процентот што ќе го добијат општините, а не даноците. Јас се извинувам за непрецизноста и во иднина ќе се потрудам да не се повтори ваков пропуст…, напиша Теменугов на „фејсбук“.
Појаснување. Поради мала непрецизност објавена на веб страната на Алсат, каде што стоеше дека ќе се зголемува ддв и…
Posted by Горан Теменугов on Thursday, March 25, 2021
Од Министерството појаснуваат дека во рамки на реформата за унапредување на фискалната децентрализација, за која претходно и министерот за финансии и Министерството за финансии ја информираа јавноста, се предлагаат три столба – подобрување на фискалниот капацитет на општините, домаќинско и отчетно работење и зголемување на транспарентноста.
– Кај првиот столб се предлага зголемување на уделот кој општините го добиваат од наплатата на персонален данок, како и постепено зголемување на стапката на дотација од наплатениот ДДВ, според перформансот на општините. Имено, планирано е формирање два фонда: Фонд за перформанси за општините коишто покажуваат позитивни резултати и имаат повисока реализација на сопствените приходи и Фонд за изедначување за општините коишто имаат пониски приходи, но истите покажале фискален напор и добри резултати во прибирањето на сопствените приходи. Овие предлози ќе бидат ставени на јавна дискусија со ЗЕЛС и со сите засегнати страни со цел оваа реформа да се носи преку еден транспарентен и инклузивен процес, се вели во соопштението на Министерството за финансии.