Во ноемврискиот прозорец македонската фудбалска репрезентација ќе гостува во Глазгов, а на свој терен ќе ја пречека селекцијата на Словенија.
Селекторот Гоце Седлоски денеска го обелодени списокот на фудбалери за овие два натпревари, во кој има неколку изненадувања. Без повик остана напаѓачот на Глазгов, Бојан Миовски.
„Списокот е 23 играчи и тројца голмани. Игравме со двете репрезентации, знаеме за какви селекции станува збор. Да ги поправиме оние грешки кои ги имавме тука со Шкотска првиот натпревар. Ние треба да се поправиме во она што јас го барам, да го остават срцето на теренот, да има трка, да има желба и дисциплина во играта. Играме со една силна селекција како што е Шкотска, но овие резултати кои се зад нас да ги заборавиме. Влегуваме во овие два меча да се поправиме. Ова е список на играчи кои имаат минутажа во своите клубови, и затоа се одлучив за овој тим“, изјави Седлоски.
Тој детално ја образложи одлуката околу статусот на напаѓачот на Глазгов Ренџерс за претстојниот репрезентативен циклус.
„Миовски беше долго време нема минутажа во Глазгов Ренџерс, затоа се одлучив за овие четворица напаѓачи. Не е избришан од составот, кога ќе има поголема минутажа и кога ќе настапува, ќе добие повик. Нема тука лутење, и јас кога не сум играл не сум бил повикуван. И така ќе продолжам во овие натпревари. Оние кои не настапуваат во тимовите, нема да биде повикан“, вели Седлоски.
Прво на 13 ноември Македонија ќе ѝ гостува на Шкотска, а три дена подоцна ќе го заврши настапот во Б сегментот против Словенија на домашен терен.
