Самитот во Лондон се одржува по средбата Трамп – Зеленски
Европските и светските претставници на самитот во Лондон во центар на самитот ја коментираа средабта Трамп и Зеленски. Секој договор за траен мир треба да го обезбеди суверенитетот и безбедноста на Украина.
Мирот во Украина е клучен приоритет. Во план од четири точки се потенцира дека помошта за Киев продолжува, ќе се зголемува економскиот притисок врз Русија. Прво ќе се работи на запирање на борбите, а потоа ќе се разговара со САД за заедничко развивање на планот за мир. Меѓудругото ќе се формира „коалиција на подготвени“ кои ќе го гарантираат мирот во Украина. Британскиот премиер истакна дека Русија мора да биде дел од договорот, но нема да може да диктира услови.
„Не можеме да прифатиме слаб договор како Минск, кој Русија може лесно да го прекрши. Наместо тоа, секој договор мора да биде поддржан со сила. Секоја нација мора да придонесе за тоа на најдобар начин што може, носејќи различни способности и поддршка на масата, но сите преземајќи одговорност да дејствуваат, зголемувајќи го својот дел од товарот“, изјави Кир Стармер, премиер на Велика Британија.
Британија продолжува со инвестициите во Украина
Британија ќе инвестира две милијарди долари за 5.000 ракети за противвоздушна одбрана за Украина. Канадскиот премиер Трудо изјави дека е важно неговата земја да биде заедно со своите сојузници и ќе продолжи да ја поддржува Украина колку што е потребно.
„На секој чекор од патот, Канада ги разгледуваше начините на кои најдобро може да помогне и како што реков пред неколку дена, се е на маса. Знаеме дека канадската војска има начини на кои може да придонесе. Ние нема да зборуваме предвреме за тоа како да се зачува мирот што сè уште не е воспоставен, но Канада ќе биде таму и ќе биде отворена да го направи она што е неопходно“, изјави Џастин Трудо, премиер на Канада.
Светските лидери со свои гледишта кон Украина
Италијанската премиерка Мелони понуди да дејствува како мост со британскиот премиер до американскиот претседател Трамп. Целта, како што вели, е да се намалат тензиите меѓу САД и Украина. Претседателката на ЕК фон дер Лајен рече дека ЕУ е подготвена заедно со САД да ја брани демократијата.
„На крајот на краиштата, сите ја делиме истата цел. Италија, Европа, НАТО, САД го споделуваат истото и треба да се дојде до траен, праведен мир во Украина. И овде јасно е дека прашањето станува покомплексно, но исто така значи дека мора да бидеме добри во оваа фаза за да не направиме грешка или да фаворизираме поделба на Западот што би било фатално за сите“, изјави Џорџа Мелони, премиерка на Италија.
Се огласи и Урсула фон дер Лајен.
„Подготвени сме заедно со вас да ја браниме демократијата, да го браниме принципот, да постои владеење на правото. Не можете да го нападнете и да го малтретирате вашиот сосед, или не можете да ги менувате границите со сила“, изјави Урсула фон дер Лајен, претседателка на Европската комисија.
Генералниот секретар на НАТО, Руте рече дека повеќе европски земји изразиле подготвеност да играат улога во обезбедувањето на Украина по потенцијалниот мировен договор за ставање крај на руската војна.
„Американците со право велат „прво ни треба мировен договор пред да има договор за мир кој треба да се одржи“, и јас го разбирам тоа. Но, во исто време мораме паралелно да се погрижиме кога ќе дојде до договор и ќе биде постигнат, да бидеме подготвени“, изјави Марк Руте, генерален секретар на НАТО.
Во истовреме, американскиот државен секретар Рубио истакна дека мирот може да дојде во Украина само ако Путин е вклучен во преговорите, а Трамп е единствениот човек на земјата кој има какви било шанси да го доведе на маса.
„Многу е едноставно. Единствениот начин да заврши војната е ако Владимир Путин дојде на преговарачка маса. И токму сега, претседателот Трамп е единствената личност на земјата кој има шанса да го доведе на маса за да видиме на што би бил подготвен да ја заврши војната“, изјави Марко Рубио, државен секретар на САД.
Се огласи и Макрон. Според францускиот лидер последиците може да се катастрофални.
Макрон предупредува: Откажувањето на САД од Украина би било катастрофа
Дали е можно обновување на односите?
Зеленски верува дека може да ги обнови односите со американскиот претседател по нивната жестока расправа во Овалната соба. Тој посочува дека разговорите со Трамп треба да се продолжат во поинаков формат и дека сè уште е подготвен да потпише договор за ретките метали, со надеж дека и САД се подготвени.
Извор: МРТ