Денеска, во Министерството за одбрана се одржа церемонија, на која Владо Мисајловски ја презеде функцијата министер за одбрана од досегашниот заменик-министер за одбрана, Тирон Јајага.
Во своето прво обраќање пред вработените во Министерството за одбрана и Армијата министерот Мисајловски истакна дека се обврзува дека ќе работи на јакнење на меѓународниот углед и позицијата на државата, а главен приоритет ќе биде целосно активирање на сите расположливи ресурси во функција на заштита на националните интереси.
„Реформските процеси ќе бидат на врвот на агендата и во согласност со целите на способност на НАТО соодветно ќе ја ажурираме стратегиската рамка, која е основа за имплементација на реформските процеси во клучните области на одбраната. Со овие реформи соодветно ќе се зајакнат процесите на модернизација на Армијата, меѓународната соработка, системот на човечки ресурси, образованието и обуката на персоналот, логистичката поддршка, воената инфраструктура, комуникацискиот систем и сајбер-одбраната“, потенцира Мисајловски.
Тој нагласи дека останува на заложбите за стабилно и континуирано финансирање на одбраната во согласност со одлуките на НАТО.
„Ветувам зголемување на реализацијата на капитални расходи и значително намалување на сите досегашни непродуктивни трошоци“, рече Мисајловски.
Во однос на вработувањата и професионалниот развој на вработените во Министерството и Армијата, Мисајловски рече: „За вработување во Армијата, ќе има објективни, транспарентни и прецизни критериуми. Ќе има квалитетен и професионален развој за воениот и цивилниот персонал во Армијата, ќе се воспостават транспарентни и јасни критериуми за избор и упатување на вработените за стручно усовршување, а за дипломатските мисии во странство и мировните мисии ќе се одлучува врз основа на стручност, заслуги и исполнување на меѓународните стандарди и стандардите на НАТО“.
Во своето обраќање Мисајловски изрази длабоко сочувство до семејството на неодамна починатиот професионален војник.
Заменикот-министер за одбрана, Тирон Јајага, им се заблагодари на вработените во Министерството за одбраната и во Армијата, а на министерот Мисајловски му го честита изборот и му посака успех во исполнувањето на оваа функција.