Во вечерашното издание на дебатната емисија “Што не е јасно?” гостуваше потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски кој зборуваше за моменталната политичката ситуација, блокадите организирани од ВМРО-ДПМНЕ, како и целта на истите во однос на тајните преговори и распродажби од страна на Заев и Бучковски во договорот со Бугарија.

Потврда за тоа што мислат македонските граѓани за Зоран Заев и неговите политики се оние негативни извици кои што се случиле на трибините во Романија пред натпреварот Македонија – Австрија, односно дека неговото присуство е непожелно. Според мене, фудбалерите кои што во очите на македонскиот народ се национални херои, не смеат на никаков начин да се поврзуваат со политичари, особено не со политичари кои што им го укинува правото да настапуваат како Македонци од Република Македонија, вели Мисајловски.

Зоран Заев дозволи ние како Македонија да прифатиме заедничка историја, што претставува едно велепредавство од најголеми размери, бидејќи и најмалите деца знаат дека ние имаме своја и единствена историја. Ние како држава немаме потреба никому да докажуваме дали Гоце Делчев, Даме Груев и останатите биле Македонци, тоа е непоборен факт, за него нема потреба ниту да се дискутира, ниту да се преговара. Избегнувањето на деталите од договорот кој Заев и Бучковски го подготвуваат, само докажува за задните намери на власта и новото предавство кое што тие сакаат да се случи, додава Мисајловски.

Денес Заев имал средба со Радев, но за нивната средба никој не доби точни информации и детали, туку само паушални изјави со кои ќе се замачка настанот и неговата суштина. Ако и двајцата избегнуваат да ги споделат деталите од договорот кој го подготвуваат, тоа значи дека и обајцата спремаат нешто што нема да се допадне на македонскиот народ. Токму затоа не смееме да дозволиме да помине она што го планираат и спроведуваат, туку напротив да се спротивставиме и да иницираме нов подобар договор, кој ќе ги штити македонските интереси, истакна Мисајловски.

Преговорите не мора да се решат за една или две години, тие можат да траат и повеќе години. Несериозно е од било кој политичар да распродаде се што е македонско, само поради притисоците од меѓународната заедница, бидејќи за некои работи поправен испит нема, а таквите грешки ги сечат корените на една нација. Ние како ВМРО-ДПМНЕ ќе се бориме до крај за македонските црвени линии и очекуваме народот да застане рамо до рамо со нас и заеднички да ја добиеме оваа битка, заврши Мисајловски.