Шведскиот репрезентативец со македонско потекло Дејан Кулушевски синоќа забележа официјално враќање на фудбалските терени по пауза од цели 526 дена. Тој беше дел од составот на Тотенхем на натпреварот против екипата на Ковентри, каде што влезе во игра во финишот и одигра неколку минути.

Публиката на стадионот го пречека офанзивниот фудбалер со громогласни овации при неговото влегување во игра. Кулушевски со своето присуство придонесе кон победата на својот тим, триумф што навивачите и клубот долго го очекуваа во тековната сезона.

Со овој настап конечно заврши долгиот период на рехабилитација по тешката повреда на коленото, откако поминаа речиси две години од хируршкиот зафат и макотрпниот процес на закрепнување.

„Имаше моменти кога мислев дека тоа никогаш нема да се случи. Беше исклучително тешко, но никогаш не се откажав. Едноставно продолжував да работам секој ден, не знаејќи кога ќе можам да се вратам“, изјави Кулушевски по мечот.

Од стручниот штаб на Тотенхем потенцираа дека враќањето на Кулушевски претставува исклучително важен момент и големо засилување за тимот, особено во период кога екипата се соочува со сериозни предизвици на играчки и резултатски план.