Случајот со смртта на 60-годишен маж од кумановското село Довезенце повторно е отворен откако неговото семејство изразило сомнеж дека можеби не станува збор за природна смрт.

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека на 5 март во СВР Куманово пријава поднела 50-годишната Д.Е. од селото Довезенце. Таа изразила сомнеж во врска со смртта на нејзиниот брат М.П. (60), кој бил пронајден мртов на 31 декември 2025 година.

Според нејзината изјава, околу 22 часот на последниот ден од минатата година една од нејзините сестри ја известила дека нивниот брат починал во куќата во која живеел во селото. Во домот живеел заедно со својот татко и со партнерката А.Р. од селото Младо Нагоричане, општина Старо Нагоричане.

По добиената информација, Д.Е. заедно со уште една сестра и нивниот зет заминале во куќата, каде што го затекнале М.П. починат на кревет.

Во пријавата се наведува и дека истиот ден, околу 20:30 часот, од телефонот на починатиот била повикана Итна медицинска помош. Медицинските екипи констатирале смрт, додека неговата партнерка А.Р., на која ѝ се слошило, била пренесена во болница.

Сепак, според пријавеното, од Итната медицинска помош не било пријавено починато лице во полиција, а потврдата за смрт не била издадена истиот ден кога била утврдена смртта, туку дури наредниот ден, на 1 јануари 2026 година, по инсистирање на сестрата.

Во пријавата Д.Е. навела дека постои сомнеж оти нејзиниот брат не починал од природна смрт и дека можно е да бил отруен.

Од полицијата соопштуваат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.