Претседателот на Владата на Република Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на растот на БДП оваа и минатата година, изјави:
„Изминатата година 2025, како македонска економија забележавме раст на Бруто домашниот производ којшто нè сместува во првите пет во Европа. И сега повторно ќе кажам, од страна на ботовите на опозицијата ќе бидам можеби исмејуван по социјалните медиуми, но тоа се бројки и факти коишто ги објавува Евростат. Минатата година 2024, поради добрата втора половина, бевме во првите десет, оваа година сме во првите пет. А за оваа 2026 година, ако оди вака како што почна годината, не би се изненадил да бидеме и во првите три. Што значи тоа, тоа значи дека конечно ќе почне полека, но сигурно да се чувствува и кај граѓаните, односно ќе се зголемува стандардот и куповната моќ.
Јас можам да кажам дека економијата е она коешто претставува наш најголем приоритет. Имаме историско највисока реализација во првите два месеци на капитални инвестиции, од она што е предвидено имаме 25% реализација. Околу над 10 милијарди, зборувам од централниот буџет, ако на тоа се додадат и инвестициите коишто се во јавните претпријатија. Еве тука е и потпретседателот на Влада и министер за транспорт, да речеме инвестициите на ЈПДП, Јавното претпријатие за државни патишта, не влегува во оваа бројка. Тоа се дополнителни инвестиции. Останатите јавни претпријатија и акционерски друштва во сопственост на државата што инвестираат, не влегуваат во оваа бројка. Значи ова е само од централниот буџет, над 10 милијарди денари.
Ако вака продолжиме, а приходите во буџетот се исто така на едно, би рекол неочекувано високо ниво во првите два, два и пол месеци еве скоро, очекувам оваа година и не би се изненадил да бидеме во првите три економии.“
