Во Владата денес се одржа свечена седница по повод 22 Ноември – Денот на албанската азбука, на која се обрати премиерот Христијан Мицкоски. Тој го оцени празникот како важен историски и културен симбол, кој ја потврдува важноста на различностите во македонското општество.

„Македонија е земја на различности кои не разделуваат, туку ја збогатуваат нашата заедничка приказна. Албанската заедница со својот јазик, култура, традиции и вредности е неразделен дел од државата. Денес го оддаваме признанието на генерациите кои се бореле за образование и писменост, но и на сите кои продолжуваат да го негуваат овој пат“, рече Мицкоски.

Премиерот нагласи дека Владата останува посветена на политики кои граѓаните ги прават поблиски едни со други, ја унапредуваат меѓуетничката доверба и ја зајакнуваат социјалната кохезија.

„Целта е младите, без разлика на етничката припадност, да ја гледаат својата иднина во силна и развиена Македонија. Општество во кое секој јазик е мост, а не граница, во кое различностите се богатство, а не предизвик. Владата работи на инфраструктурни проекти, модернизација на училиштата, поддршка на културните институции и отворање нови можности за младите, како и на програми за дигитализација и економски развој на локалните заедници“, додаде Мицкоски.

Тој потенцира дека секој граѓанин треба да го почувствува напредокот и да знае дека државата стои зад него, подвлекувајќи дека ова не е само политичка, туку и морална обврска кон идните генерации.

„Само со почит, доверба и одговорност ќе можеме да постигнеме резултати кои ќе ја движат нашата татковина напред. Нека е честит Денот на албанската азбука. Да продолжиме заеднички да ја градиме државата со почит кон различностите и со јасна визија за иднината“, заклучи премиерот.