Премиерот Мицкоски предлага заедничка резолуција со Бугарија за гарантирање на македонскиот идентитет во Европскиот парламент

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, во „Само интервју“ на Телевизија Канал 5 истакна дека е потребна заедничка иницијатива со Бугарија за гарантирање на македонскиот идентитет и јазик. Тој предложи поднесување резолуција до Европскиот парламент со која јасно ќе се признава македонскиот идентитет како посебен.

„Ајде да направиме еден обид, да поднесеме резолуција во Европскиот парламент, која ќе гарантира македонскиот идентитет и јазик како посебни,“ рече Мицкоски и додаде дека ова веќе било дел од извештајот на известувачот Вајц, но дека пред Комисијата за надворешни работи (АФЕТ) биле направени промени под притисок.

Премиерот нагласи дека барањата на Бугарија не се сведуваат само на уставни измени за бугарското малцинство. Тој истакна дека има и други услови кои ги поставуваат политички влијателни лица во Софија.

„Она што Европа и светот го гледаат е дека не е само уставната промена единствениот услов. Многу политички фигури во Бугарија тоа јасно го потврдуваат,“ рече Мицкоски.

Тој се осврна и на изјавата на бугарскиот претседател Румен Радев. Во која вели дека единствениот услов за Македонија е уставната промена, што според него не е точна.

„Во Договорот за добрососедство нема никаков услов за уставна промена, а сепак добивме вето, затоа што не ги исполнивме обврските за малцинските права на бугарската заедница,“ додаде Мицкоски.

Премиерот заклучи дека Македонија ќе продолжи да инсистира за јасни и фер решенија во процесот на пристапување во ЕУ, со посебен фокус на македонскиот идентитет.