Мицкоски ја осуди ксенофобијата на натпреварот во Куманово
Премиерот Христијан Мицкоски јавно го осуди националистичкото и ксенофобично скандирање што се случи за време на кошаркарскиот натпревар меѓу репрезентациите на Македонија и Романија, одигран на 2 август во Куманово. Тој истакна дека скандирањето било дело на мала група навивачи и дека не било поддржано од останатите гледачи во салата.
Апел за спортска култура и поддршка на репрезентацијата
„Сакам да се приклучам кон осудата на национализмот и ксенофобијата, најпрвин на она што се случи за време на натпреварот помеѓу Македонија и Романија, а потоа и да упатам порака до сите навивачки групи да навиваат спортски“, изјави Мицкоски.
Ваквата изјава Мицкоски ја даде при поставувањето камен-темелник на новата спортска сала во Воената академија „Генерал Михајло Апостолски“ во Скопје. Тој посочи дека Владата го поддржува спортскиот дух и фер натпреварување. Тој е дециден дека секој обид за говор на омраза ќе биде предмет на санкции.
Обвинителството отвори постапка против сторителите
По инцидентот, Основното јавно обвинителство Куманово отвори постапка. Издадени се насоки до СВР Куманово за истрага на можни кривични дела поврзани со говор на омраза. Обвинителството нареди обезбедување на снимки од видео надзорот со цел идентификација на сторителите кои предизвикале нарушување на јавниот ред за време на натпреварот.
Извор: СДК