Прва официјална посета на албанската министерка за надворешни работи
Министерката за Европа и надворешни работи на Република Албанија, Елиса Спиропали, денеска престојува во прва официјална посета на земјава. Во Скопје таа имаше тет-а-тет средба со премиерот Христијан Мицкоски и шефот на македонската дипломатија, Тимчо Муцунски.
Албанија во моментов се наоѓа во активна фаза на преговори со Европската Унија и се смета за една од земјите фронтранери за членство во ЕУ.
Средба со премиерот и фокус на европската интеграција
Спиропали беше пречекана од премиерот Христијан Мицкоски, како и од министерот Муцунски. Премиерот Мицкоски соопшти дека на средбата во Владата се разговарало за унапредување на билатералните односи, регионалната соработка и заедничките напори во насока на европската интеграција.
Тој нагласи дека посебен акцент бил ставен на добрососедските односи, стабилноста и развојот на регионот, оценувајќи дека средбата поминала во конструктивен и пријателски дух, со заемна подготвеност за продлабочување на соработката.
Муцунски: Фокус на економијата, Коридорот 8 и НАТО соработката
Министерот Муцунски информираше дека во фокусот на разговорите била билатералната соработка, европската перспектива и можностите за понатамошно унапредување и динамизирање на односите меѓу двете земји.
Како што посочи, посебно внимание било посветено на економската соработка, реализацијата на проектите од Коридор 8, зајакнувањето на трговската размена и проширувањето на соработката во други сектори. Муцунски ја нагласил и важноста на националните малцинства во двете земји, како и сојузништвото во рамки на НАТО, при што биле разменети мислења и за актуелните геополитички предизвици што влијаат врз регионот и безбедносната состојба на Западен Балкан.
