Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, денеска, на надзорната расправа во Собранието, ги повика истражните органи и Јавното обвинителство да го истражат случајот со Алта банка, меѓу другото, и кој отуѓувал акции, одговарајќи на прашање на пратеникот Аднан Азизи во врска со информациите за поврзаност на ДУИ со Алта банка.

– Немам официјални информации кој сè ги отуѓил акциите. За тоа ќе треба некоја друга институција да даде одговор. Ова што вие го споменувате е вест што што и јас исто така сум ја прочитал од медиумите и од јавноста, но сигурен сум дека во една транспарентна истрага од страна на истражните органи, за која охрабрувам и повикувам, Јавното обвинителство ќе утврди и ќе се констатираат сите факти за македонската јавност да биде на чисто – рече Мицкоски.

Мој приоритет, а претпоставувам и на членовите на НБРМ, потенцира тој, е оваа банка да добие сопственик за да не оди во стечај. – Тоа е многу важно и јас сум многу голем оптимист дека ќе успееме во оваа намера бидејќи наш приоритет останува да ги заштитиме сите доверители на банката и работните места на вработените во банката – рече премиерот.

Што се однесува до доверителската врска на македонската влада и Алта банка во 2023 година на седницата на која е разговарано и дадено овластување народниот правобранител да ги отуѓи акциите на Алта банка, кои се сопственост на македонската влада, Мицкоски рече дека тогаш присуствувале како прв вицепремиер – Артан Груби, како министер за финансии – Фатмир Бесими, како министер за економија – Крешник Бектеши, како министер за образование – Јетон Шаќири, министер за надворешни работи – Бујар Османи, а од редовите на СДСМ, претседателот на владата – Димитар Ковачевски, министерот за внатрешни работи – Оливер Спасовски, за транспорт – Благој Бочварски, за одбрана – Славјанка Петровска, министерката за труд и социјална политика – Јована Тренчевска, Љупчо Николовски итн.  – Така што, ако некој има најмалку право да зборува за ова што се случува денес и да конструира, спинува, клевети, тоа е токму политичката опозиција во Македонија – истакна премиерот Мицкоски.

Пратеникот Аднан Азизи од „Вреди“ изрази загриженост за неприсуството на пратеници на ДУИ на надзорната расправа и посочи дека во јавноста имало информации за фамилијарни врски на нивни челници со сопствениците на Алта банка и оние што ја донеле Алта банка во Македонија.

– Оваа дебата ќе беше идеална ситуација за Али Ахмети да посведочи каква поврзаност има со компанијата „Аа сењак“ иако нејзиниот дел го продала на српската банка. Дали е вистина дека сопственикот на оваа компанија е сватот на Али Ахмети, односно негов близок? Дали Али Ахмети знаеше за оваа трансакција? Јас мислам дека Али Ахмети е силно навлезен во корупција, но не мислам дека тој стигнал до тоа ниво да се продаде кај Вучиќ. Тој треба да излезе и да објасни што значи неговото молчење, а може да потресе многу Албанци и многу блиски – рече Азизи.

Според него, на 24 октомври 2024 година компанијата „Ас сењак“, која е во сопственост на сватот на Ахмети, добила акции во Стопанска банка – Битола со една компанија поврзана со Сашо Мијалков. На 9 јуни, продолжи тој, друга компанија, чиј сосопственик е „Ас сењак“, зела кредит пет милиони евра од Алта банка – Белград. – На 17 септември 2025 година акциите на компанијата на сватот на Али Ахмети се продадоа на Алта банка. Дали ќе се истражуваат и овие трансакции на оваа компанија бидејќи ДУИ е поврзана со овој случај? – праша Азизи.