Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека засега нема да открива дали ќе има промени во владиниот состав, ниту кои министри евентуално не ги задоволуваат очекувањата, нагласувајќи дека ќе зборува кога ќе биде сигурен во одлуките.
„Да се стрпиме неколку недели или месеци. Додека не бидам сигурен во она што го зборувам, нема да кажам ниту име ниту процес“, рече Мицкоски.
Тој посочи дека во наредниот период приоритет ќе биде внатрешното реструктурирање на партијата, по што ќе следат разговори за евентуални промени во Владата и во коалицијата.
„Очекувам дека до крајот на април или почеток на мај ќе ја затвориме внатрешната структура и потоа, во мај-јуни, ќе се посветиме на меѓукоалициските договори, на кадровските поместувања, освежувања, институционални рокади“, изјави премиерот.
Со тоа, како што најави, евентуалните промени во извршната власт би можеле да се случат во периодот мај-јуни, по завршувањето на партиските процеси.
