Премиерот тврди дека состојбата во земјоделството е значително подобрена
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Владата за две години успеала да го стабилизира секторот земјоделство, за кој, како што рече, бил оставен во исклучително лоша состојба од претходната власт.
Според него, најголемите проблеми биле недостигот на вода за наводнување и заостанатите исплати на субвенциите.
„Во секторот земјоделство наследивме буквално катастрофа од претходната влада. Акумулациите беа доведени под биолошки минимум, на 8 проценти, денеска се на 80 проценти, и тоа во јули кога е речиси при крај сезоната за наводнување. За земјоделците беше предизвик да добиваат вода за да ги наводнуваат своите посеви, а сега имаме комплетно обезбедени можности за наводнување во Овчеполието, од Калиманци, преку Кочанско Поле, Штипско Поле па се до Лозово. Во Пелагонија, исто така, преку Стрежево, преку Тиквеш во Тиквешко Поле, долу во Струмичко Поле, исто така. Така што првпат по многу години успеваме да обезбедиме нешто коешто претходната влада не успеваше да го обезбеди“, рече Мицкоски.
Исплатени заостанати субвенции и обезбедени нови средства
Мицкоски изјави дека се исплатени субвенции кои биле заостанати со години, а со ребалансот на Буџетот ќе бидат обезбедени дополнителни средства за земјоделците.
„Субвенции исплаќавме заостанати од 2020 година па наваму, сега ги исплаќаме за 2025. Тоа што ќе се обезбеди сега со ребелансот на буџетот ќе биде исплатено за земјоделците што произведуваат жито и житни култури, млекопроизводителите, мислам дека се обезбедени околу 1,2 милијарда. Така што полека но сигурно од следната година ќе го фатиме чекорот година за година“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека само во првите месеци од 2024 година биле исплатени повеќе од четири милијарди денари, а вкупната исплата надминала 15 до 16 милијарди денари.
Исплатени плати и критики за претходното раководство
Премиерот посочи дека при преземањето на власта, вработените во АД „Водостопанство“ и ЈП „Национални шуми“ немале добиено по три плати, но дека тој проблем е надминат.
„Така што, онаа катаклизма што ја наследивме од претходниот министер, којшто се пробуваше во неколку ресори и за кој знам дека има и кривични постапки за злоупотреба, и ја остави на оваа влада, но фала му на Бога успеавме и таму колку-толку да ги консолидираме работите“, додаде претседателот на Владата.
