Владата продолжува со вложувања во спортската инфраструктура

Владата ќе продолжи со инвестиции во спортската инфраструктура низ државата, а спортот и во наредниот период ќе остане меѓу најважните приоритети, најави денеска премиерот Христијан Мицкоски.

Изјавата ја даде при поставувањето камен-темелник на затворениот базен во ООУ „Ацо Шопов“ во Општина Бутел, каде посочи дека паралелно се реализираат повеќе проекти во различни општини.

„Работиме на неколку позиции во државата кога станува збор за спортски центри, базени, сали, игралишта. Една сала веќе е пуштена во Скопје, салата Расадник, еден европски тип на објект, кој спортистите можат да го користат“, рече Мицкоски.

Десетици милиони евра за спортот и поддршка за клубовите

Премиерот истакна дека станува збор за значајни вложувања во спортската инфраструктура, како и за континуирана поддршка на спортските клубови.

„Така што со самото тоа што го формиравме Министерството и го консолидиравме спортот во периодот кој следи спорот продолжува да ни биде еден од врните приоритети и да го завршиме сето она, кое го почнавме“, изјави Мицкоски.

Тој додаде дека станува збор за десетици милиони евра директни инвестиции во спортската инфраструктура.

Нови проекти и подготовка за 2027 година

Осврнувајќи се на проектот во Бутел, Мицкоски оцени дека новиот затворен базен и доградбата на училиштето ќе придонесат за подобри услови за живот на жителите на општината.

„Чувствувам дека со овие проекти успеваме полека но сигурно да обезбедиме подобри услови за живот на граѓаните во сите општини низ целата територија на државата, тоа значи дека проектот ја постигнал својата цел, полека но сигурно ги завршуваме со воведување во работа или поставување камен темелник оние проекти коишто сè уште не беа отпочнати, оние коишто се отпочнати ги завршуваме и веќе размислуваме за следната 2027 година да реплицираме слична ваква иницијатива бидејќи навистина се покажа како успешна“, нагласи премиерот.